Преку привремен ангажман во радио, во телевизија, а често и низ самостојни мултимедијални продукти, студентот Филип Костов донел одлука целосно да се посвети на новинарството.
„Од пред некој месец почнав да снимам и подкаст, се вика ‘вижн оф војсис’“, вели Костов.
Професијата ја учи на Студиите по новинарство при факултетот „Јустинијан Први“ во Скопје.
„Тоа што го очекував од студиите беше да научам да пишувам, да се изразувам подобро. Професорите доста се трудат тоа да нè научат“, додава Костов.
Сепак, Филип е еден од ретките што денес се одлучуваат да запишат новинарски студии. Во неговата генерација се само десетмина. Причините за избегнување на тие студии се различни. Немањето доволно практична настава им е првата пречка.
„Да имаме предмет којшто стриктно ќе биде врзан за праска. Постојан да сме поврзани со новинарството, дали преку пишување, известување, да учиме и како се монтира“, вели Софија Бислимоски, студентка во прва година на новинарските студии при факултетот „Јустинијан Први“.
На тоа се додава и стравот дека е урната довербата кон новинарската професија.
„Мислам дека одамна го имаме изгубено чувството на тоа што значи да си независен новинар и независен медиум. Тоа многу ги обесхрабрува младите да се запишат на овие насоки, вклучувајќи ги и политички науки“, вели Зорана Антовска, која работи и како демонстраторка на студиите по новинарство.
Пречка се и немањето сознанија за можностите после дипломирањето.
„Платата, можноста за вработување. Младите не се запознаени со тоа што можат го работат откако ќе завршат со факултетот“, посочува Иларија Димукова, студентка на политички студии при „Јустинијан Први“.
Кај професорите исто така расте загриженоста за таквиот надолен тренд.
„Македонија има најмал број на млади луѓе заинтересирани да студираат новинарство, споредено со други земји во регионот. Таа бројка се движи можеби од 70 до 100 студенти, додека на нашиот факултет сега запишуваме десетина ученици, млади луѓе кои сакаат да студираат новинарство “, укажува Јасна Бачовска, професорка на студиите по новинарство при „Јустинијан Први“.
Сепак, модернизирање на наставата и учењето нови медиумски вештини се гледаат како начини за привлекување на студентите.
„Кога ќе профилирате професионалци, многу вешти, тие ќе дојдат со еден друг ентузијазам и со една друга лична аура како професионалци на терен, во општеството. Тие ќе ги менуваат состојбите“, посочува професорката Бачовска.
Токму во таа насока се подготвува и нова лабораторија на Студиите по новинарство на Правниот факултет. Планот е да има целосно професионално опремено телевизиско студио.
„Фокусот е ставен во голема мерка на тоа да им се овозможи на студентите практична работа во текот на студиите. Да го учат и занаетот заедно со теоретските сознанија“, вели Сашо Георгиевски, декан на правниот факултет „Јустинијан Први“.
Опремата во лабораторијата доаѓа како грант од САД, а се изведува со стручна помош од факултетот за новинарство „Волтер Кронкајт“ од Државниот универзитет од Аризона.
„Тоа што се обидуваме да го направиме е да ги поврземе наставната програма и опремата. Тоа да го споиме во лабораторија, која, по насоките на деканот, ја дизајнираме како Центар за медиумски иновации. Тука ќе се практикува новинарско пишување, односи со јавност, новинарство, традиционални медиуми, па дури и нови медиуми за кои сè уште не знаеме. Вештачка интелигенција, или што и да е тоа што ќе се појави во иднина“, вели Бил Силкок од факултетот „Волтер Кронкајт“ и еден од директорите на програмата за создавање медиумска лабораторија на новинарските студии во Скопје.
Целта на проектот е да се подобрат условите за формирање самостојни и добро обучени кадри во полето на новинарството, но и во полето на комуникологијата и политичките науки.