Од денес се намалуваат цените на 73 производи, трговците мора да ги обележат со натпис

ССМ ја објави синдикалната минимална кошница која изнесува 61.199 денари а гледано по ставки најголемо поскапување има токму кај трошоците за храна – 717 денари што според ССМ се должи на трговците кои ги поскапеле цените пред мерката да стапи на сила.

СКОПЈЕ – Седумдесет и три прехранбени производи од денес треба да бидат со намалени цени откако на сила стапи владината одлука за замрзнување на маржите на 10 отсто во рамките на есенската потрошувачка кошница. Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) кој денес ја објави минималната кошница ги обвините трговците дека ги зголемите цените на прехранбените производи и тоа е потврдено од пресметката која покажала дека само трошоците за храна се зголемиле за над 700 денари споредено со минатиот месец.

Млеко и млечни производи, дел од месните и сувомесните производи, овошјето и зеленчукот, пекарските производи, шеќер, брашно, ориз, грав и печурки.

Трговците се задолжени производите од есенската кошница да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“ на рафтовите во фрижидерите и во разладните уреди.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува намалување на цените на производите опфатени со мерката десетина отсто а околу информациите дека дел од трговците ги зголемиле цените непосредно пред стапување на сила на оваа мерка најави дека ќе има санкции доколку се покаже дека е точно.

„Очекувам намалување од најмалку десетина проценти. Оваа мерка ќе трае до крајот на октомври. Во периодот што следи ќе продолжиме да ја ажурираме оваа листа, во зависност на потребите на граѓаните. Ќе потсетам производите не се резултат на шпекулативна мерка, туку се резултат на една анализа и теренски анкети водени со граѓаните кои производи се најкористени во овој период од годината. Така ќе биде можеби и пред новогодишните празници, така ќе биде на пролет и цело време така ќе функционираме. Секој оној којшто се однесува шпекулативно и неморално и неетички ќе биде санкциониран“, рече Мицкоски.

Синдикалната минимална кошница за септември според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) изнесува 61.199 денари или 76.681 денар доколку четиричленото семејство живее под кирија.

Синдикална минимална кошница за месец септември извор: ССМ

Споредено со август, кошницата е поскапа за 104 денари, но кога гледано по ставки најголемо поскапување има токму кај трошоците за храна – 717 денари што според ССМ се должи на трговците кои ги поскапеле цените.

„Загрижува податокот во делот на трошоците за Исхрана и пијалаци за месец септември кои изнесуваат 23 034,00 денари споредено со месец август (22 317,00 денари) и истите како трошок се зголемени за 717,00 денари, што покажува дека трговците во текот на месецот ги искористија најавите за воведување на ограничени маржи или цени за да ги зголемат цените на основните прехранбени производи пред објавување на Одлуката на Владата во Службен весник и на тој начин дополнително да се збогатат и да си осигурат зголемени цени и во наредниот период, односно за време на траењето на Одлуката за ограничени маржи на штета на граѓаните и работниците во Македонија“, соопштија од ССМ.

Во минималната кошница, дури 86 отсто од производите кои го сочинуваат трошокот за исхрана и пијалаци во еден месец, сега се опфатени со владината мерка односно маржата е замрзната на 10 отсто.

„Доколку мерката се почитува од страна на трговците ќе придонесе за значајно намалување на трошоците за храна и пијалаци на најранливите категории на граѓани или на работниците со најниски примања што е за поздравување“, велат од ССМ.

Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) од декември минатата година до август годинава трошоците за храна се зголемени за 4 проценти. Најголемо зголемување на цените има кај овошјето од 10,9 проценти, кај млекото, сирењето и јајцата зголемувањето е 6,6 проценти, кај зеленчукот е 3,9 проценти а месото поскапело за 3,6 проценти. Најголемо поскапување има кај минералната вода и соковите од овошје и зеленчук зголемувањето е од 11,1 проценти а безалкохолни пијалаци поскапеле за 9,4 проценти.

За неколку дена на сила треба да стапи и Законот за забрана на нефер трговски практики кој предвидува рабатот и дополнителните трошоци на земјоделски и прехранбени производи во трговија на мало и на големо да се ограничат на 10 проценти.