Покачување на границата на задолжување, контрола на оружјето

Обама: „Ние не сме нација што не ги плаќа долговите. Ова се натрупани сметки што треба да се платат“.

Претседателот инсистираше на обете на прес-конференција во Белата куќа.
Американскиот претседател го повика Конгресот итно да одобри покачување на крајната граница на позајмување на земјата. На прес-конференција во Белата куќа, на неполна недела пред инаугурацијата на вториот мандат на функцијата, Барак Обама се изјасни и за контролата на огненото оружје, велејќи дека поддржува нови и, како што ги нарече, разумни мерки.

Според Обама, би било „бесмислено“ неговите политички противници во Конгресот дури и да помислат да не ја покачат крајната граница на позајмување на државата во наредните неколку недели, а која во моментов изнесува 16,4 трилиони долари.

САД веќе ја достигнаа таа граница, но имаат доволно пари да ги плаќаат сметките уште неколку недели. Обама кажа дека границата мора да биде покачена, не за да се зголемат владидните трошоци, туку за државата да ги исполни финансиските обврски на кои веќе се има согласено.

„Ние не сме нација што не ги плаќа долговите“, рече претседателот. „Ова се натрупани сметки што треба да се платат“.

Во врска со контролата на огненото оружје, Обама очекува од специјалната работна група која тој ја формира да му даде “разумни и логични чекори“. Најави дека попладнево ќе се сретне со потпретседателот Џо Бајден, кој е на чело на групата, за да ги разгледаат предлозите.

Иако не даде детали, Обама го повтори ставот дека построгата безбедносна контрола при издавањето на дозволи за поседување и при купување на оружје, построгите правила за зголемениот капацитет на рамките на оружјето и зголемената контрола врз полуавтоматското оружје се предлози што имаат логика.

Обама им порача на конгресмените дека ќе мора „да ја преиспитаат својата совест“ кога ќе гласаат за новите мерки за оружјето. Во САД, каде сопственоста на оружјето е втемелена во Уставот, се води жестока дебата на оваа тема.

Прес-конференцијата на Обама уследи еден месец по масакрот во Конектикат во кој младич уби 20 деца и шест ворасни во училиште во местото Њутаун, сојузната држава Конектикат.