Американската влада ги заострува стандардите против загадувањето

Намалување на испуштањето на јаглерод-диоксид за речиси една третина во наредните 15 години
Американската влада претстави план за ограничување на испуштањето на јаглерод-диоксидот од енергетските централи во земјата за речиси една третина во следните 15 години.

Џина Мекарти, управничката на Агенцијата за заштита на животната средина (ЕПА) рече дека планот е амбициозен, но остварлив и дека е клучно што секоја од 50-те сојузни држави ќе има своја цел, дефинирана согласно конкретните услови.

Предлогот има цел да ги промовира обновливите видови на енергија, како онаа добиена од Сонцето и ветрот, како и енергетската ефикасност.

Регулативата, што се очекува да биде заокружена наредната година, ќе донесе прво ограничување на национално ниво на јаглерод-диоксидот - гасот што главно се поврзува со климатските промени, а што се испушта од централите на јаглен.

Предлогот е дел од поголемиот акционен план за климатски промени на првиот човек на САД, што тој го објави пред една година, во обид да го намали глобалното затоплување.