Обама ја брани нуклеарната спогодба со Иран

Вели, „далеку најдобриот начин“ да се спречи земјата да дојде до нуклеарно оружје

Американскиот претседател Барак Обама смета дека рамковниот договор за ограничување на иранската нуклеарна програма, во замена за олеснување на санкциите, е „далеку најдобриот начин“ да се спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје.

Во интервју за Њујорк тајмс, Обама наведе дека натамошните санкции би дале помал увид во нуклеарната програма, а воздушните напади би имале краткорочен ефект, но речиси сигурно би предизвикале Иран да забрза со обидот да стаса до нуклеарна бомба.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за ТВ-мрежата НБЦ го повтори своето противење на спогодбата постигната минатата недела, велејќи дека со неа Иран останува со голема нуклеарна инфраструктура којашто на крајот ќе резултира во нуклеарно оружје.

Обама ја опиша американската заложба за одбрана на Израел како „непоколеблива“, во обид да го убеди раководството на оваа земја додека преговара со држава чии водачи го имаат порекнувано холокаустот и изразувано антисемитски идеи, како и желба да го уништат Израел.