Обама замина од Азија со порака до Пекинг

Индиректно коментираше на кинеската политика во врска со поморските спорови.
Американскиот претседател Барак Обама на самиот крај на еднонеделната азиска турнеја низ четири земји уште еднаш индиректно ја нападна кинеската надворешна политика.

Во обраќањето пред американски и филипински војници пред да замине од Манила, Обама ја повтори позицијата на Вашингтон за кинеските поморски спорови: „Веруваме дека сите нации и луѓе имаат право да живеат во безбедност и да се почитува нивниот суверенитет и територијален интегритет. Веруваме дека мора да се почитува меѓународното право, дека мора да се зачува слободата на навигацијата и дека не смее да се попречуваат трговските патишта. Веруваме дека споровите мора да се решаваат по мирољубив пат, а не со закани или со употреба на сила“.

Тој во изјавата не ја спомена Кина по име, но таа уследи еден ден откако Вашингтон и Манила потпишаа нов одбранбен договор за проширување на американското армиско присуство на Филипините. Аналитичарите ги сметаат поблиските американско-филипински армиски врски како реакција на Вашингтон на спорот на Кина со Филипините околу територија во Јужното Кинеско Море.