О`Брајан: САД сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ што е можно поскоро

Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, покрај американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, Џејмс О'Брајан, на крајот од нивната заедничка прес-конференција по средбата на Западен Балкан со ЕУ, во Скопје , С. Македонија, 22 јануари 2024.

Состанокот на лидерите на Западен Балкан што се одржа во Скопје резултираше со заедничка изјава во која земјите од регионот се обврзаа дека ќе се развиваат според европските стандарди, дека соработката на Балканот ќе продолжи и дека иднината на сите држави е во Европската Унија. Важно е, како што беше кажано, дека на тој пат останува поддршката и од Брисел, но и од Вашингтон. Тоа, на завршната прес-конференција, јасно го кажа првиот човек во Стејт департментот задолжен за Европа и Евроазија.

„Во однос на САД – ние сметаме дека е во наш интерес, интересите на граѓаните на Западен Балкан да се задоволат и да ги видиме владите на земјите од регионот како се приближуваат кон интеграцијата во ЕУ. Ние сме посветени на тоа Северна Македонија и САД да продолжат да соработуваат за патот на земјата кон Европа. Граѓаните на земјава ќе имаат јасен избор во наредните месеци меѓу јасна визија која знае како да оди кон Европа и нешто друго. Граѓаните ќе треба да изберат. Од перспектива на САД многу сакаме Северна Македонија, што е можно побрзо, да стане дел од ЕУ“, рече американскиот помошник-државен секртар, Џејмс О`Брајан.

Your browser doesn’t support HTML5

Регионален состанок на Западен Балкан во Скопје

Премиерот Ковачевски, кој им беше домаќин на српскиот претседател и на премиерите на Албанија, Косово и Црна Гора, смета дека европската и американската поддршка за регионот е недвосмислена, а дека Планот за раст на Западен Балкан е „конкретна акција на Унијата“ што треба да доведе и до подобрување на економската ситуација и до подготовка на државите за членство во Унијата.

„Во овие клучни моменти за прогресот на регионот, а пред сè за македонската европска иднина, Европската Унија и Соединетите Американски Држави, од овде, од Скопје испратија јасна порака за поддршката на ефикасната интеграција на Западен Балкан во Европската Унија. Воедно, испратија и порака дека во тој процес, сметаат на проевропските државни лидерства“, рече Ковачевски.

Лидерскиот состанок се одржа во последните денови на Ковачевски како премиер. Земјата се подготовува за избор на „Пржинска“ влада која треба да ги организира изборите напролет. Едно од прашањата од О`Брајан беше токму за тоа - дали се точни информациите дека меѓународниот фактор притиска да биде потпишан нон-пејпер на политичките партии на Албанците со кој ќе се обврзат да не коалицираат со партија која шест месеци по изборите нема да спроведе уставни измени.

„Не знам за нон-пејпер и би сакал да се задржам на она што го кажав во ноември кога бев во Скопје, како и денеска. Сметаме дека граѓаните на Северна Македонија треба да решат за патот за напредок. Мислам дека една партија даде предлог за напредок и трпи критики затоа што некои луѓе го сакаат или не го сакаат. Друга партија ветува дека ќе изнајде начин за патот напред и мислам дека можеби е фер граѓаните да побараат од таа партија да понуди нон-пејпер во кој ќе објасни која е нејзината визија и потоа ќе можете да решите меѓу визијата која ја знаете и нешто што е ветување“, вели О`Брајан.

Позицијата на американската администрација е дека Македонија треба да го продолжи процесот на пристапување кон Унијата – за што неопходно е заокружување на процесот на уставни измени.