Сенатот ќе расправа за предложената реформа на разузнавањето

Американски законодавец вели дека собирањето податоци за граѓаните ќе биде фокус на распит во јануари.
Претседавачот на сенатската Комисија за законодавство, демократот Патрик Лехи, вели дека напаѓаната американска Агенција за национална безбедност ќе биде предмет на натамошно преиспитување кога законодавците ќе се вратат во Вашингтон во јануари. Појавувајќи се на програмата „Средба со печатот“ на телевизијата НБЦ, Лехи кажа дека комисијата ќе ги разгледа препораките на претседателскиот панел за преуредување на собирањето на податоците што предизвика големи реакции дома и во странство.

„Првото јавно експонирање на тоа што го кажа панелот ќе биде испитано пред сенатската законодавна комисија за неколку недели“, кажа Лехи.

Минатата недела, претседателот Барак Обама кажа дека ги ревидира 46-те препораки што ги даде ова тело за подобра заштита на приватната комуникација и лични информации додека во исто време се задоволуваат потребите на американското разузнавање. Лехи вели дека сагата на поранешниот соработник на Агенцијата кој сега е во егзил, Едвард Сноуден, јасно покажува дека агенцијата мора да биде реформирана.

„Тие не работеле добро кога еден понизок по ранг вработен можел да ги украде сите нивни тајни.“

Исто така на програмата се појави републиканскиот конгресмен Питер Кинг, кој предупреди против експонирањето на американскиот разузнавачки апаратус:

„Не мислам дека секој треба да знае што прави шпионската агенција. По природа, шпионската агенција е тајна. Сево ова е генерирано од хистеријата со Едвард Сноуден. Што ќе преиспитуваме? Систем што функционира? Не смееме унилатерално да се предадеме.“

Кинг додаде дека ако Агенцијата ги имала способностите што ги има денеска, терористичките напади од 11 септември ќе беа спречени. Сенаторот Лехи кажа дека на САД им треба ефикасна шпионска агенција, но и таква која ќе биде одговорна пред американската јавност.