„Новогодишната кошничка“ завршува денес, граѓаните во исчекување на цените утре

Министерството за економија ја оцени акцијата како успешна, граѓаните велат дека е потребно повеќе и мерките да траат подолг период.

СКОПЈЕ – На полноќ завршува „новогодишната кошничка“ , едномесечна акција која настана со договор меѓу Владата трговците, дистрибутерите и производителите а во која над илјада производи се продаваа за 10 отсто поевтино. Од утре трговците повторно ќе можат според своите проценки и желби за профит да ги креираат цените на основните продукти без кои граѓаните не можат и се неопходни за нормален живот.

Додека се прават пресметките за тоа колку потрошувачите заштедиле министерството за економија и труд ја прогласи акцијата успешна бидејќи статистика пресмета 0,3 проценти намалување на трошоците за живот. Од министерството се на став дека акцијата спречила раст на цените и ја одржала инфлацијата стабилна и им се заблагодарија на трговците.

„Податоците на статистика покажуваат дека во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година намалувањето на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалаци изнесува -0,3%. Ова покажува дека Новогодишната кошница каде што беа вклучени во најголем дел прехранбени и безалкохолни пијалаци го дала својот ефект и цените на храната и пијалаците во декември 2024 година бележат намалување во однос на ноември 2024 година. Се очекува и во статистичките податоци за месец јануари во однос на декември 2024 година, да се потврдат ефектите од новогодишната кошница, односно да се оствари дополнително намалување на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалаци“ , соопштија од министерството за економија и труд.

За граѓаните пак потребно е повеќе.

„Нешто се продаваше поевтино но да кажам дека заштедив не можам. Сепак цените се многу високи за стандардот на граѓаните. Јас сум пензионер и одвај врзувам крај со крај секој месец“, изјави жителка на Скопје.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) сметаат дека овие акции и мерки имаат некаков ефект но во иднина мора да се има пристап врз основа на покажаните резултати.

„Секако дека мерките дадоа одредени резултати. Има влијание бидејќи цените мируваа и не се покачуваше инфлацијата,. Она што ние апелираме е да се направи пресек на двете мерки, едната каде што имавме маржи и втората каде трговците се договорија дека ќе ги намалат цените. Ние бараме ако се оди кон други мерки, би требало да бидат подолгорочни, да се преиспита дали вредат овие кошнички во иднина или ако сега енормно се покачат цените на основните прехранбени производи да се земе како референтна цена онаа што важеше на 15 декември“, изјави Маријана Лончар Велкова, претседател на ОПМ.

Опозициската СДСМ смета дека мерката потрошувачка кошничка претставува целосно промашување.

„Наместо да се намалат цените на основните производи се зголемија. Зејтинот, јајцата, шеќерот, млечните производи, грашокот, гравот и леќата, се е поскапено. Оваа сурова реалност граѓаните ја гледаат во маркетите и продавниците и ја живеат секој ден борејќи се со обезбедување на основните потреби за своите семејствата. Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека трошоците за живот во декември 2024 година се зголемени за 4,4%, а цените на основните производи пораснале за 4,3%. Се зголеми и инфлацијата, во декември 2024 година е за 4,4 проценти повисока. Овие податоци јасно укажуваат дека политиките на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и погрешни“, изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ..

„Новогодишната кошничка“ беше резултат на како што кажаа „џентлменски договор“ меѓу Владата и трговците и поради тоа трговците беа амнестирани од одговорност и казни а тоа вешто го искористија зголемувајќи ги цените на огромен дел од производите кои не беа опфатени со кошничката. Реагираа граѓаните, реагираше и премиерот Мицкоски, пазарната инспекција излезе на терен па трговците мораа да ги коригираат цените.

Според официјалните информации новогодишната кошничка содржеше 1.178 производи од 96 производители и дистрибутери кои можеа да се купат во 762 продажни места и се вклучија 51 маркет.