Новинар во Азербејџан вели дека е зад решетки поради неговото известување

На 1-ви јуни, судот во Баку го приведе Фарид Мехрализада за „заговор за шверц на девизи“ во врска со случајот против медиумот „Абзас Медиа“. Мехрализада и „Абзас Медиа“ велат дека тој никогаш не работел таму. (Парвана Бајрамова/Гласот на Америка)

„Моето апсење го нагласува стравот на авторитарните влади, како онаа на Азербејџан, од моќта на бројките и реалноста што се открива преку статистиката“, вели новинарот на РСЕ Мехрализада кој е еден од најмалку 14-те новинари уапсенни во, како што велат аналитичарите, политички мотивирани случаи

Новинар во Азербејџан речиси седум месеци е затворен, а вели дека верува оти неговото апсење е поради неговото известување.

Фарид Мехрализада, економист и новинар во сестринскиот медиум на Гласот на Америка, Радио Слободна Европа/Радио Слобода, е затворен од мај под обвинение за заговор за шверц на девизи. Новинарот, неговиот работодавач и групите за слобода на медиумите веруваат дека случајот е одмазднички и дел од пошироката акција во Азербејџан.

Во пораките кои ги доби Гласот на Америка преку неговата сопруга, Мехрализада говори за својата страст за новинарството и вели дека верува дека бил цел токму поради неговата работа.

„Отсекогаш уживав да работам со статистички податоци и бројки. Како новинар и економист, моја работа беше да ги толкувам“, рече Мехрализада.

Мехрализада вели дека верува оти е приведен како одмазда за неговата работа, која често е критикувачки настроена кон економската политика на владата.

„Мислам дека моето апсење го нагласува стравот на авторитарните влади, како онаа на Азербејџан, од моќта на бројките и реалноста што се открива преку статистиката“, рече Мехрализада. Меѓу критиките на новинарот беше дека владата на Азербејџан не ја диверзифицира зависноста на економијата од нафта и гас.

Тој е еден од најмалку 14-те новинари уапсени во изминатата година за нивната работа во Азербејџан, според Комитетот за заштита на новинарите со седиште во Њујорк. Неколку од нив работат во „Абзас Медиа“, еден од најистакнатите медиуми кога е во прашање борбата со корупцијата во земјата.

Мехрализада не соработуваше со Абзас Медиа, но понекогаш даваше стручни коментари за медиумот. Сепак, тој се соочува со обвиненија за „заговор за шверц на девизи“ во врска со случајот покренат против „Абзас Медиа“. Мехрализада го негира обвинението. И Мехрализада и „Абзас Медиа“ рекоа дека тој никогаш не работел за медиумот.

Мехрализада се соочува со дополнителни обвиненија за „незаконско претприемништво, перење пари, даночно затајување и фалсификување документи“. Тој се соочува со 12 години затвор ако биде осуден за сите обвиненија. Тој ги негира обвинувањата.

Судењето против Мехрализада и шестмина вработени во „Абзас Медиа“ започна на 17 декември во главниот град на Азербејџан, Баку. Групите за слобода на медиумите велат дека обвиненијата против групата новинари се политички мотивирани.

Судењето „го олицетворува начинот на кој азербејџанската влада употреби одмазднички кривични обвиненија за да заклучи огромни делови од водечките независни новинари во земјата во текот на изминатата година“, изјави Гулноза Саид, програмски координатор на Комитетот за заштита на новинар за Европа и Централна Азија.

РСЕ го осуди судењето и повика на итно ослободување на Мехрализада.

„Фарид е казнет зашто известувал за непријатни вистини за економијата на Азербејџан. Азербејџан мора да го прекине ова лажно судење и да го ослободи Фарид и да го врати кај неговата сопруга и новородената ќерка“, изјави минатата недела претседателот на РСЕ Стивен Капус.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен исто така повика на ослободување на Мехрализада и другите новинари затворени во Азербејџан.

„САД се длабоко загрижени не само од овие притворања, туку и од зголемената репресија врз граѓанското општество и медиумите во Азербејџан“, изјави Блинкен претходно во декември.

Амбасадата на Азербејџан во Вашингтон и Министерството за надворешни работи не одговорија на барањата за коментар на Гласот на Америка на испратената електронска пошта.

Кога започна судењето, сопругата на Мехрализада, Наргиз Мухтарова, рече дека и било тешко кога го видела нејзиниот сопруг и другите со лисици на рацете.

„Но, нивната храброст беше неверојатно импресивна“, изјави таа за Гласот на Америка. „Тие беа насмевнати за време на сослушувањето“.

Во затворот, рече Мухтарова, нејзиниот сопруг ги поминува деновите читајќи книги – речиси 200 од нив откако беше приведен – и решавал крстозбори. Тој е добро третиран, но без пристап до интернет „најмногу страда“ од недостаток на економски вести, додаде Мухтарова.

На Мухтарова и нејзиниот сопруг им е дозволена средба еднаш неделно, среба за која таа вели секогаш со нетрпение ја очекуваат.

„Тој прави добро“, рече таа. „Неговото расположение сега е подобро зашто барем имаат шанса јавно да зборуваат за нивниот случај.

Судењето ќе продолжи на 28 декември.