Нови руски напади со дронови во Украина, Остин од Шведска со поддршка за влез во НАТО

Украина денеска извести за напади со беспилотни летала од страна на руските сили во областа Одеса во јужна Украина.

Јуриј Крук, шеф на воената команда на Украина во регионот Одеса, рече дека беспилотните летала предизвикале пожар во инфраструктурен објект, но дека нема жртви.

Русија се потпира на употребата на беспилотни летала за да изврши напади во Украина, вклучително и против инфраструктурни цели.

Токму поради руската агресија Шведска и Финска се приклучија на НАТО алијансата. Иако Шветска се уште не станала членка поради противењето на Турција, сепак американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денес изрази поддршка за обидот на Шведска да се приклучи на НАТО алијансата.

Говорејќи денес за време на посетата на шведската поморска база Муско, Остин рече дека Соединетите држави со нетрпение очекуваат „да продолжат да се залагаат за вашиот брз прием во НАТО и ќе работиме напорно за да го завршиме тоа пред самитот“.

Остин рече дека шведските сили „ќе му додадат голема вредност на НАТО, на нашите севкупни напори, вие имате многу, високо професионална војска и сте инвестирале многу во модернизацијата во последните неколку години“.

Шведска аплицираше за членство во НАТО заедно со Финска како одговор на руската инвазија на Украина минатата година.

Финска официјално се приклучи на воената алијанса на почетокот на април. Понудата на Шведска беше запрена од приговорите на Унгарија и Турција, кои велат дека Шведска не направила доволно за да ги сузбие групите кои Турција ги смета за терористички организации.

Некои материјали во овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.