Инженерите од Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес го развиваат овој уред за снимање на електрични сигнали произведени од мускулните вибрации на гласните жици.
Истражувачот Зијуан Че користи вештачка интелигенција за да ги трансформира тие сигнали во говор.
„Тој електричен сигнал ќе се внесе во микрофонот, а потоа ќе се емитува звукот. Значи, целиот процес, од детекција до обработка, а потоа до активирање, ја реализира крајната цел, да ви помогне да зборувате без да ги користите вашите гласни жици“, вели Че.
Магнето-механичката мембрана што ги претвора вибрациите на мускулите на гласните жици во електрични сигнали е мека и растеглива за да може удобно да се носи.
Тие измешаа магнетни наночестички со меки полимери и ги обликуваа користејќи традиционална јапонска технологија за сечење хартија, вели истражувачката Џинг Шју.
„Го правиме слојот со киригами шема, што го прави уште помек“, вели Шју.
Истражувачите користат вештачка интелигенција за да ги препознава вибрациите на мускулите на гласните жици на различни луѓе.
Џун Чен го води проектот на Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес.
„Вашите мускулни вибрации може да бидат различни. Мора да го обучиме уредот пред да биде подготвен за употреба. А потоа прво ќе ги анализираме тие електрични сигнали, за да изградиме персонализирана база на податоци за речник“, објаснува Чен.
Дизајниран да им помага на луѓето со различни нарушувања на говорот и патологии, Чен вели дека планира да го тестира уредот на свои предавања, кои можат да траат до три часа.