Хибридните закани ќе бидат се поприсутни во новото време, a трети сили ќе се обидуваат токму на овој начин, преку лажни вести и дезинформации, да влијаат во внатрешните случувања во некои земји. Многумина во експертската јавност, кога е во прашање Северна Македонија, ова го поврзуваат со официјална Москва, за која велат дека не бира средства да биде присутна на овие простори.
Имаме докази и фактори кои индицираат дека Русија влијае врз избори и други социјални и општествени настани за да може да се разедини населението и што е можно подобро тие да влијаат врз него.Итамара Лохард, професор од САД
Марк Лејти е директор на Секторот за комуникации при Врховниот штаб на НАТО сојузничките сили во Европа.
„Она што го гледаме од Русија дека на неморален начин настапува насекаде низ светот. Влијае врз голем број избори. Имаше влијание и во текот на референдумот, a влијаеше и врз изборите кои се одржуваа во Северна Македонија и навистина претставува проблем со кој треба да се справиме. Знаме дека Русија се има служено со разни средства и начини за да изврши влијанија“.
И некои други се согласуваат со него.
„Имаме докази и фактори кои индицираат дека Русија влијае врз избори и други социјални и општествени настани за да може да се разедини населението и што е можно подобро тие да влијаат врз него. Што треба да се направи? Треба, да се обединат силите и да се најдат изворите на лажните информации и со единство да се настапи против таквите хибридни закани“, вели професорот од САД, Итамара Лохард.
Ненад Корајлиќ, професор од Сараево, не е изненаден.
„Русија има своја агентура низ целиот свет. Нивните корени на Балканот се одамна и не изненадува дека ги има и овде и дали тие ќе делуваат. Нормално е дека ќе делуваат. Ние сме многу погодно подрачје за разни експерименти и хибридни војни“.
За некои, пак, новите хибридни закани ќе имаат пошироко значење.
Методија Дојчиновски, професор на Воена академија во Скопје, вели: „Хибридните закани спаѓаат во поновите генерации на војни во кои што државните органи тешко можат да се справат или рано да ги превенираат.Информациите на граѓаните во петтата генерација на војни ќе биде многу специфична. Но она што е уште поважно е дека информациите можат да се злоупотребат и да се користат за остварување на одредени политички активности“.
Mинистерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски рече дека државата за прв пат изработила стратегија за сајбер безбедност и акциски план и оти борбата со дезинформациите веќе не може да биде само предмет на јавни расправи, туку дека станува дел од обврските кон НАТО.
Во Охрид, претставници од дваесеттина држави на тркалезна маса дебатираа токму за хибридните закани и опасностите од нив. Заклучокот е дека одговорот против овој вид на закани треба да се бара на регионално ниво.