Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, за Гласот на Америка рече дека секторот шумарство треба да доживее целосна трансформација и додаде дека во собраниска процедура во второ читање е новиот закон за советодавни системи во земјоделството. Во наредните пет години, вели Николовски, со 250 милиони евра ќе се модернизира македонското земјоделство преку ИПАРД програмата.
Your browser doesn’t support HTML5
Глас на Америка: Министре, неодамна бевте дел од саемот за вино Белавита во Чикаго. Дали има видливи резултати од промоцијата на македонското вино во САД, и кои се идните чекори?
Љупчо Николовски: Да, оваа година за прв пат закупивме национален штанд на еден од најголемите саеми во Америка, и тоа во Чикаго на Белавита каде што десетина наши винарии и извозници, големите винарски визби беа претставени со нашето македонско вино. Верувам дека до крајот на годината, исто овој проект, кој што беше инициран во САД во Чикаго, ќе биде реализиран, а тоа ќе отвори нови врати, нови можности за соработка и за зголемување на извозот на македонското вино во Америка.
Глас на Америка: По средбата со националната гарда, но и со секторите задолжени за шумарство во Вермонт, рековте дека ќе добиете помош. Што има ново на тој план?
Љупчо Николовски: Покрај виното, кое што беше клучен производ за кој што беше организирана оваа наша посета во Америка, сакам да потенцирам дека оваа година Ворлд топ експорт за 2022 година, Северна Македонија ја рангираше во првите 15 земји во светот по извоз на вино и расте извозот на вино генерално. Меѓутоа зборувавме и за младите, зборувавме и за шумарството каде што веќе конкретни проекти ќе спроведуваме, односно ќе имаме студиска посета на млади фармери во Вермонт, веќе на оваа студиска посета работиме заедно со амбасадата на САД, но секако и поддршката која што ја имаме во поглед на шумарството. Ние започнавме еден голем проект за реформа на целокупниот сектор шумарство со поддршка на ЕУ, во следните две години значи до март 2025 година, значи целокупниот сектор треба да доживее целосна трансформација. Јас се радувам што во собраниска процедура, веќе во второ читање е и новиот закон за советодавни системи во земјоделството. Нов закон со кој што целосно го трансформираме овој сегмент каде што дефинираме кој се може да биде советодавец во земјоделството, како се лиценцираат, кои се обуките што треба да ги поминуваат. Значи, нема да имаме само една агенција за поддршка на развој на земјоделството, туку по примерот на овие вакви успешни примери и земји, веќе воведуваме модерен систем на информирање на земјоделците.
Глас на Америка: На вашата последна посета во Брисел, Северна Македонија беше посочена со најголема искористеност на европските фондови за ИПАРД програмата. За што се користат тие пари?
Љупчо Николовски: Само во овој месец ние ставивме на располагање 40 милиони евра на апликантите во делот на земјоделството преку мерките од ИПАРД. И она што може, еве, ексклузивно да го кажам заради тоа што заврши рокот пред само два дена и се уште стигаат апликациите за овие мерки од ИПАРД 3 програмата од првиот повик за мерката 1 и мерката 7. Може да констатираме дека интересот е огромен. Затоа велам, во следните пет години 250 милиони евра за модернизација на македонското земјоделство што само преку една програма, само преку мерките на ИПАРД програмата, а она што се новини исто така се од интерест и корист за самите апликанти. Многу новини имаме во оваа ИПАРД 3 програма, Европската комисија во Брисел на скрининг процесот навистина честиташе недвосмислено, недипломатски, директно беше посочена успешноста на македонскиот ИПАРД 2 од 2017 до 2023 година, токму затоа сме пример и земјите од регионот учат од нашето искуство кое што го поминавме овој период.
Глас на Америка: Министерството поддржува вклучување на повеќе млади и жени во земјоделство. Што конкретно правите на тој план?
Љупчо Николовски: Нашата клучна цел е да ги задржиме младите дома, тука, да Европа ја донесеме тука, да правиме се во поглед на нивно мотивирање. Токму затоа имаме и програма за практиканство. Имавме 50 практиканти во Министерството за земјоделство кои што се студенти на нашите факултети за земјоделство, за ветеринарна медицина или за шумарство, кои што добиваат шестмесечна платена пракса во износ од 70 проценти од минималната плата што е исто така еден мотив, но и отворена врата да останат и да работат во министерството. Исто така, за прв пат преку иницијатива на министерството воведовме и стипендии од највисок обем односно прва група за студентите на земјоделство, на шумарство, на ветерина каде што по 18.000 денари добиваат студенти кои што ќе склучат договор за стипендирање, ќе исполнат одредени критериуми и радува фактот што еве и на овој начин ги мотивираме поголем број на студенти, а свесни сме дека паѓа интересот на овие науки особено на младите луѓе. Така да, правиме на сите полиња буквално се она што е наша можност, се со цел младите, жените бидат препознаени во сите политики на Министерството за земјоделство.
Глас на Америка: Минатата недела потпишавте договор за изградба на агрофуд платформа во Скопје. Што значи тоа?
Љупчо Николовски: Ова е едно од нашите ветувања каде што велиме дека модернизацијата во земјоделството ќе биде базирана и на изградба на откупно-дистрибутивни центри. Ова е проект за модернизација на земјоделството кој што го реализираме заедно со Светска банка, каде што имаме заем од 50 милиони евра односно 46 милиони евра и грант од Европската Унија од 4 милиони евра. Еден од најголемите проекти односно најголема компонента на овој проект е откупно-дистрибутивните центри во Скопје, во Ресен и во Струмица. Поминаа голем број на фази досега и ме радува фактот што веќе оваа недела склучивме договор за урбанизација за физибилити студија, за основен проект, за проектирање би рекол на откупниот центар во Скопје. Ја имаме локацијата и многу бргу ќе започнат овие активности.
Глас на Америка: Во последно време имаше многу реформи во земјишната политика. Што би издвоиле како најголема новина во интерес на земјоделците?
Љупчо Николовски: Правиме се да го заштитиме земјоделското земјиште тоа да биде во функција на земјоделското производство и токму затоа еве би ги издвоил последните измени кои што ги предлагаме на законот на земјоделското земјиште, а кои што се наоѓаат на ЕНЕР системот за коментари каде што за прв пат ја заштитуваме прва и втора класа односно велиме забрана за пренамена на земјиште од прва и втора класа за енергетски објекти односно за изградба на фотоволтаици од една страна и заштита дури на трета и четврта класа доколку во таа катастарска општина имаме послаба категорија на земјоделско земјиште кое што може да биде во функција за енергетски објекти. Од друга страна, исто така со измени на законот за земјоделско земјиште кои што се веќе во собраниска процедура, овозможуваме да заживее и концептот на агро фотоволтаици односно да не се пренаменува земјоделското земјиште туку да се овозможи на земјоделското земјиште од петта, шеста, седма и осма категорија да може да се одгледува земјоделско производство, но и да се градат и фотоволтаици без да се раскинуваат договорите и без да се вршат пренамени. Воочивме дека голем е интересот во делот на фотоволтаици и затоа презедовме чекори како да го заштитиме земјоделското земјиште и како да за најплодното земјоделско земјиште забраниме.