Нигериските воздухопловни сили тврдат дека „фатално го раниле“ лидерот на Боко Харам Абубакар Шекау и неколку други членови со висок ранг од групата во воздушни напади изведени врз седиштето на организацијата.
Сани Усман, портпарол на Нигериските воздухопловни сили, даде изјава дека Шекау бил „смртно погоден во раме“ кога владините авиони го бомбардирале упориштето на Боко Харам во џунглата на Самбиса во петокот.
Други лидери на Боко Харам убиени во нападот, според Усман, ги вклучуваат Абубакар Муби, Малам Нуху и Малам Хаман. Неколкумина други е потврдено дека се ранети.
Нигерија и претходно тврдеше дека Шекау е убиен, но овие тврдења потоа беа ставени под сомнение кога се појави видео покажувајќи го Шекау жив.
Други детали нема и Боко Харам нема реакција до овој момент.
Соопштението доаѓа на истиот ден кога Американскиот државен секретар Џон Кери отпатува во Нигерија да се сретне со лидерите за разговори кои се однесуваат на стратегијата против Боко Харам.
За време на говор во Сокото, Кери кажа дека е важно да се решат подлабоките прашања кои ги наведуваат луѓето да се приклучат на Исламистички групи како Боко Харам, и дека нигериската влада мора да направи повеќе за изградба на довербата во државата.
Во понеделникот, стотици Нигеријци излегоа на протести во главниот град Абуџа со барања владата да стори повеќе за да им помогне на повеќе од 200 девојчиња кои беа киднапирани од Боко Харам во 2014.