„Цивил“ предупредува на неправилности во изборната кампања

  • Синиша Станковиќ
Министерството за внатрешни работи реагираше вперувајќи прст кон претходното раководство.
„Набљудувачите на `Цивил` започнаа со својата работа на 1 март годинава, но во различни форми ја набљудуваме политичката состојба во земјата од септември 2013-та година. Се забележува дека Македонија е во состојба на постојана и агресивна предизборна кампања многу подолго време отколку што тоа е пропишано со закон или, поточно, кампањата не престанува со години!“, изјави Џабир Дерала од невладината организација „Цивил - центар за слобода“за Гласот на Америка на македонски јазик. Организацијата на прес-конференција објави дел од наодите на нивните набљудувачи за изборните нерегуларности во периодот од 1-ви март - досега.

Во извештајот на „Цивил“ - НВО што соопшти дека „има нулта толеранција за изборните нерегуларности“ и дека дел од нивните наоди се совпаѓаат со Периодичниот извештај на Мисијата на ОБСЕ, Канцеларијата за демократски институции и човекови права за периодот 10 -26-ти март, објавен на 31-ви март - се потенцира дека „постојат оправдани сомнежи дека Избирачкиот список се` уште изобилува со големи слабости“, дека „политичката ситуација во Македонија е загрижувачка и дека веќе подолго време се води агресивна политичка предизборна кампања“, како и дека „во многу случаи постапките се во рамките на легалното, но се поставува прашање колку тоа е легитимно“.

Дерала за Гласот на Америка изјави: „`Цивил` забележува изборни вработувања во период забранет со Изборниот закон, сериозен дисбаланс на застапеноста на политичките партии во мнозинството провладини медиуми, и низа други нерегуларности. Корупцијата на електоратот е присутна во говорите на владините и политичките претставници, додека злоупотребата на јавните ресурси е масивна и широко распоространета. Забележани се голем број случаи на злоупотреба на деца и на млади лица во изборниот процес, вклучувајќи превоз на голем број ученици на партиски митинзи за време на часовите во училиште, што потоа не се евидентира во училиштата...“.

Во извештајот на „Цивил“ стои дека набљудувачите на организацијата - 50-те акредитирани долгорочни набљудувачи низ целата земја, поделени во девет региони, забележале предвремено започнување на претседателската и парламентарната кампања, како и дека не може да се направи јасна дистинкција меѓу кампањата за претседателски и парламентарни избори. Извештајот наведува примери од Велес - за злоупотреба на јавните ресурси за партиски цели, од Брвеница, Тетово - за притисок врз граѓаните да излезат на митинзи на одредени политички партии, со закани дека за оние кои нема да гласаат за одредена партија ќе следат инспекции од УЈП, од Прилеп - за користење на автобуси на јавниот превоз за потреби на партиски митинг, и на возило за брза помош што минало низ градот со партиски знамиња на ВМРО-ДПМНЕ“, како и од Скопје - за делење на дневници од 500 денари и храна за луѓето што се пријавувале да учествуваат на партиските митинзи низ Македонија.

Откако „Цивил“ ги обелодени информациите од една скопска општина дека во списоците фигурираат и „непостоечки влезови во згради или додадени катови на згради“, чии наводни жители се наоѓаат на Избирачкиот список, реагираше МВР.

Во соопштението на МВР се вели: „По изнесувањето на информациите на некои невладини организации дека поголем број граѓани во Општина Кисела Вода во Избирачкиот список биле заведени на непостоечки адреси за кои поседувале и лични карти, МВР ги изврши проверките за евентуални неправилности при издавањето на истите.... Утврдено е дека станува збор за 54 лица, кои поседуваат лични карти од поодамна, односно сите тие имале претходни лични карти на истата адреса. Личните карти на тие адреси се издавани во периодот на претходното раководство на МВР, но има и такви кои за првпат се издадени во 90-тите или 80-тите години“. МВР тврди дека со Законот за личната карта и Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, не е предвидена обврска за приложување, односно докажување на живеалиштето и адресниот податок во постапката за промена на лична карта заради изминат рок. Затоа, МВР „апелира невладините организации да не креираат атмосфера со која би се фрлил сомнеж на претстојните избори или би се дискредитирала волјата на граѓаните“.

Министерството наведе и дека „ги охрабрува невладините организации и претставниците на опозицијата да побараат одговори и одговорност од претходните раководства на Министерството. МВР во иднина им стои на располагање на невладините организации за проверка на сомненијата за да не би се доведувала јавноста во заблуда“.