Се затвора Њузеумот во Вашингтон, музеј за професионално новинарство и промоција на слободата на печатот. Последен ден ќе биде отворен на 31 декември, по повеќе од 11 години постоење и речиси 10 милиони посетители.
Соња Гаванкар, директор за односи со јавност во музејот, за Гласот на Америка, рече дека во моментов нема дополнителни изјави за затворањето на музејот.
„Знаеме дека постителите го сакаат музјеот, но, со години имаше финансиски проблеми. Во јануари 2019 направивме договор за продажба на зградата на Њузеумот на Универзитетот Џонс Хопкинс“, се вели во првичното официјално соопштение од музејот.
Во него се додава дека сите артефакти и изложби ќе бидат отворени за јавноста до крајот на годината.
„На почетокот на 2020, кога Њузеумот ќе се затвори, ќе се направи деинсталација на изложбите во Центарот за поддршка на државната уметност, каде ќе бидат одржувани“, се вели во соопштението, во кое се нагласува дека популарната „Насловна страница на денот“ на влезот на музејот, која дигитално ги прикажува насловните на речиси 1.000 весници секој ден, ќе продолжи да постои и по 31 декември годинава.
До затворањето на Њузеумот, влезниците ќе се продаваат на попуст од 15 проценти.
Мисијата на Њузеумот беше да се прикаже улогата на слободниот печат историски, и како слободите на верско изразување, говор, печат, собир и петиција, се применуваат во секојдневното живеење.