Властите во Њујорк соработуваат со Тајната служба да го зголемат обезбедувањето каде на денот на изборите ќе се организираат собири на двата претседателски кандидата, демократката Хилари Клинтон и републиканецот Доналд Трамп.
Претставува реткост обата главни кандидата за овој ден своите штабови да ги лоцираат во ист град.
Има информации за можни попречувања на гласачките места, а одредени симпатизери на Трамп се заканија со насилство ако нивниот кандидат загуби.
Дополнително, надлежните органи на федерално и на ниво на сојузна држава ги разгледуваат разузнавачките информации дека Ал Каида планира терористички заговор на, или пред 8-ми ноември.
Меѓу можните цели се наведуваат Њујорк, Вирџинија и Тексас, изјавија официјални претставници.
Властите во Њујорк велат дека ја проценуваат веродостојноста на заканите и разузнавачките извештаи ги сфаќаат сериозно. Сепак, градоначалникот на Њујорк Бил Де Бласио, изјави дека заканата не е нова и дека се` уште се проверува нејзината веродостојност.
Во меѓувреме, њујорчани очекуваат големо полициско присуство наредниве денови.