Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот замина за Вашингтон, оставајќи зад себе брутална војна, за да одржи политички говор пред Конгресот на САД во време на голема неизвесност по повлекувањето на Џо Бајден од претседателската трка.
Со тековните напори да се постигне прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, зголемената загриженост за ширењето на војната во Либан и Јемен, и САД во екот на вртоглава изборна кампања, говорот на Нетанјаху има потенцијал да предизвика неред на двете страни од океанот.
Ризиците само се зголемија со одлуката на Бајден во неделата да се откаже од трката за претседател, особено затоа што изборот на демократски кандидат - и потенцијалниот следен американски лидер - сè уште се неизвесни.
Пред да се качи во авионот, Нетанјаху рече дека во својот говор ќе нагласи оти Израел ќе остане клучен сојузник на Америка на Блискиот Исток „без разлика кого американскиот народ ќе избере за свој следен претседател“.
„Во ова време на војна и неизвесност, важно е непријателите на Израел да знаат дека Америка и Израел се заедно“, рече тој, додавајќи дека ќе се сретне со Бајден за време на неговото патување и ќе му се заблагодари за неговата поддршка за Израел.
Лице запознаено со распоредот на Бајден во неделата потврди дека претседателот ќе биде Нетанјаху во Белата куќа. Функционерот, кој сакаше да остане анонимен, бидејќи не беше овластен јавно да коментира, рече дека точното време на состанокот не е утврдено бидејќи Бајден закрепнува од ковид-19.
Нетанјаху треба да се обрати во Конгресот в среда.
Се очекува тој да се сретне и со потпретседателката Камала Харис, која бара претседателска номинација од Демократската партија.
Нетанјаху ќе го одржи своето обраќање во Конгресот земајќи ги предвид неговите ултранационалистички партнери во власта - клучот за неговиот политички опстанок; администрацијата на Бајден, на која Нетанјаху смета за дипломатска и воена поддршка; и Републиканската партија на Доналд Трамп, која би можела да му понуди на Нетанјаху ресетирање на односите доколку тој биде реизбран во ноември.
Неговите зборови ризикуваат да ја налутат некоја од тие изборни единици, што израелскиот лидер не може да си го дозволи ако се надева дека ќе ја задржи својата слаба контрола на власта.
Ова е четврти говор на Нетанјаху пред Конгресот - повеќе од кој било друг светски лидер.
За време на неговото обраќање, неговите екстремно десничарски партнери во власта ќе сакаат да ја слушнат неговата решеност да ја продолжи војната и да го собори Хамас.
Администрацијата на Бајден ќе бара напредок во однос на најновиот предлог за прекин на огнот поддржан од САД и детали за повоената визија.
Републиканците се надеваат дека Нетанјаху ќе ја зајакне очекуваната перцепција на републиканците како цврсти поддржувачи на Израел.
Војната, која беше предизвикана од нападот на Хамас на 7 октомври врз јужниот дел на Израел, ги тестираше врските на Израел со неговиот главен сојузник како никогаш досега.
Администрацијата на Бајден цврсто застана покрај Израел. Но, таа стана се` повеќе вознемирена поради однесувањето на израелската војска, континуираните тешкотии за доставување хуманитарна помош во Газа, особено по краткотрајното американско воено пристаниште во близина на брегот на Газа, како и недостатокот на повоени планови на Израел и штетата врз цивилите во Газа.
Слична загриженост најверојатно ќе опстане доколку Американците изберат нов демократски претседател.