Додека сојузниците и партнерите дебатираат за тоа како Украина треба да користи оружје обезбедено од Западот, шефот на НАТО вели дека украинските сили имаат право да напаѓаат воени цели во Русија.
„Ако тие не беа во можност да го сторат тоа, тогаш ние всушност ќе побараме да се обидат да се одбранат, да го поддржат правото на самоодбрана со едната рака врзана“, изјави Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Столтенберг ги поздрави неодамнешните одлуки на некои членки на НАТО за олабавување на ограничувањата за употребата на некое западно оружје за напад во Русија, особено откако Русија почна да го напаѓа Харков од внатрешноста на руската територија.
Вашингтон неодамна му даде дозвола на Киев да користи оружје обезбедено од САД за да напаѓа воени копнени цели во Русија, но со строги географски ограничувања.
Запрашан од Гласот на Америка дали Киев може да користи американско оружје за да погоди воени цели кои ја напаѓаат Украина од внатрешноста на Русија, секретарот за одбрана Лојд Остин рече: „Не“.
„Нашата политика за користење на оружје со долг дострел за изведување напади длабоко во Русија, не е променета. Но, способноста да се спроведе контранапад во оваа тесна борба во регионот Харков, тоа е за што се работи, а Украинците, моите очекувања се дека добро ќе го искористат тоа“, истакна Остин.
Пензионираниот генерал Френк Мекензи, поранешен шеф на Централната команда на САД, за Гласот на Америка изјави дека тоа не е доволно.
„Да, но со одредени ограничувања. Треба да бидете многу внимателни да не ги напаѓате руските нуклеарни локации, руските нуклеарни командни и контролни објекти, слични работи. Настрана од тоа, мислам дека треба да ѝ дадеме на Украина одредена флексибилност во тоа каде напаѓаат во Русија. Руската команда и контрола, конвенционалната воена контрола, руската логистика и другите формации се навистина слободни, без опасност таму, а тоа, мислам, значително ѝ штети на украинската способност да одговори во оваа последна офанзива“, истакна Мекензи.
Обезбедувањето борбени авиони Ф-16 од американско производство ќе ѝ даде на Украина поголема способност да ги запре руските бомби.
САД велат дека Ф-16 ќе бидат подготвени да стигнат во Украина ова лето.