Неизвесна иднина за палестинските пациенти во Ерусалим

Your browser doesn’t support HTML5

Израел нареди голем број хоспитализирани палестински пациенти да се вратат во појасот Газа откако ќе завршат со лекувањето во медицинските установи во источен Ерусалим. Наредбата предизвика реакции од групите за човекови права. Известува Линда Градстин.

Во болницата Макасед во источен Ерусалим, соба полна со Палестинки од Газа и нивните бебиња. Една од мајките забременила со близнаци по седум години неплодност.
Но, кога развила компликации доцна во бременоста, нејзините лекари од Газа ја испратиле овде на итно лекување, непосредно пред почетокот на војната во октомври.

Денес нејзините близнаци Абдула и Одеих се здрави петмесечни бебиња.

„Би сакала да се вратам во мојот дом. Ако е безбедно да се вратам во северниот дел на Газа, јас би била првата што би се вратила. Но, не е безбедно. Мојот сопруг рече дека е подобро да не се вратам иако тој сè уште не ги видел своите деца. А каде можам да набавам пелени и формула? Многу сум исплашена“, вели Ханан Шарадан, пациентка од Газа.

Овие жени и нивните бебиња, како и единаесет пациенти со рак во болницата во близина, веќе ги спакувале куферите затоа што минатата недела требале да бидат вратени во Газа од единицата на израелската армија која работи со палестинските цивили.

Но, организацијата „Лекари за човекови права“, заедно со две други израелски организации за човекови права, поднесоа жалба до израелскиот Врховен суд, кој одобри 30-дневен престој, додека израелската армија да ги објасни причините за префрлање на овие пациенти.

Овој пациент болен од рак е загрижен за своите внуци во Газа, но се плаши дека ќе биде невозможно да го продолжи лекувањето таму.

„Газа е уништена и тоа е многу опасно. Таму нема начин да се лекува. Црвениот крст ги изнесува пациентите од Газа, а Израел сака да не` врати назад? Како е тоа можно?“, прашува Калед Сеит, палестински пациент болен од рак.

Единицата на израелската армија која работи со палестинските цивили, вели дека само ги враќа назад пациентите на кои не им е потребна дополнителна медицинска нега.

Но, од „Лекари за човекови права“ велат дека Израел ги доведува во опасност испраќајќи ги во воена зона.

„По хемотерапија и радиотерапија, дури и ако не мора да имате друг третман во следните два месеца, вашето тело е сè уште слабо. Вашиот имунолошки систем е слаб. И како што знаете, во Газа целиот здравствен систем е во колапс. Нема функционални болници, лекарите се преоптоварени, не можат да лекуваат, болните од рак се испраќаат во странство“, вели Асеел Абу Рас од „Лекари за човекови права“.

Лекувањето за Палестинците во источен Ерусалим и израелските болници е целосно платено од палестинската управа.