Недоволно искористени македонските потенцијали за струја од обновливи извори

Фотоволтаици - сончева енергија - обновливи извори на енергија

Неопходна е пообемна енергетска мрежа за поголема употреба на фотоволтаиците, сметаат познавачи на состојбите со македонскиот енергетски сектор. За 20 месеци, Регулаторната комисија за енергетика издала 620 лиценци за производство на електрична енергија од сончева енергија.

Минатогодишните високи цени на електричната енергија на светските берзи натера многу компании и домаќинства да инсталираат фотоволтаици на своите објекти.

Тоа беше најдобар начин за намалување на сметките за струја. Експертите и сега пред почетокот на зимата советуваат дека ваквиот вид на инвестиции се повеќе од потребни.

Your browser doesn’t support HTML5

Неопходна е пообемна енергетска мрежа за поголема употреба на фотоволтаиците

Зоран Митрески, кој е сопственик на компанија, која се занимава со поставување на фотоволтаични панели вели дека државата треба да ги поедностави уште повеќе процедурите за нивно поставување, особено за мали потрошувачи, односно физички лица.

„Да им се дозволи што поголема енергија инсталирање. Сега имаме до 6 киловати. Што реално можеме да добиеме 10, 20 или 30 % од таа енергија во зимскиот период. И тоа не е ништо, а ние сите имаме потреба од енергија, а енергијата во зимскиот период е многукратно намалена во однос на производство за разлика од пролет, лето, есен“, вели Митрески.

Ние со години и децении увезуваме 30%-40% енергија. Сега имаме револуционерен период, каде сето тоа можеме да го промениме
Зоран Митрески

Тој вели дека денес на цена е енергијата од обновливи извори, но оти многу малку се искористени потенцијалите со кои државата располага, а која во овој дел може да биде лидер во регионот.

„Ние сме далеку од тоа искористување. Ние со години и децении увезуваме 30%-40% енергија. Сега имаме револуционерен период, каде сето тоа можеме да го промениме во наша корист и да бидеме извозници на енергија. Македонија е лоцирана на перфектна локација за производство на било која енергија од овие системи. Сега сме никаде. Ако гледате анализа на оние светски статистики, ние воопшто и не постоиме“, укажува Митрески.

Но, за повеќе вакви инвестиции потребно е надоградување на енергетската мрежа.

„Има локации во Македонија, каде нема доволно капацитети во енергетската мрежа за да се приклучат овие системи. Многу системи се направија во одредени региони каде капацитетот на таа мрежа веќе се пополни“, додава Митрески.

Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика за Глас на Америка, вели дека во последните 20 месеци издале 620 лиценци за производство на електрична енергија од фотоволтаици.

„Имаме новоизградени 470 мегавати. Еден блок во РЕК Битола има 235 мегавати. Веќе во фотоволтаиците со инсталираните фотоволтаици се изградени два блока во РЕК Битола. Очекувам дека до крајот на годината да имаме нови околу 600 мегавати фотоволтаични електрани, што ќе доведе до драстично намалување на увозната зависност на државата“, рече Бислимоски.

На крајот на септември, кај битолското село Новаци, почна со работа најголемата фотоволтаична централа на Балканот. Станува збор за турска инвестиција, која е со капацитет од 55 MW, и која ги задоволува годишните потреби на 30.000 семејства за електрична енергија. На површина од 57 хектари, се инсталирани 101.000 соларни панели.