Не успеа обидот за новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, пред јавноста, да одговара на прашања на пратениците за тоа како тој дојде на челната позиција на клучната безбедносна институција во земјата и дали ги задоволува сите законски критериуми да ја води АНБ. Иницијативата на опозицијата Бојан Христовски да реферира пред собраниската комисија за надзор над работата на АНБ и на Агенцијата за разузнавање денеска не резултираше со успех – директорот не кажа ниту збор, а седницата на ова тело беше прекината. Владејачкото мнозинство во комисијата, предводено од ВМРО-ДПМНЕ чиј доскорешен член бил и самиот Христовски, уште на почетокот побара дневниот ред, покрај информацијата за тоа дали новиот директор ги исполнува условите, да се дополни и со точки за теренска посета на членовите на комисијата на АНБ и на АР.
Your browser doesn’t support HTML5
Тука настана проблемот – претседателот на комисијата нема соодветен безбедносен сертификат за да може да влезе во овие две институции. Затоа, Скендер Реџепи одби да го дополни дневниот ред со овие две точки.
„Истото важи и за коалицијата СДСМ и за коалиција од мнозинството, јас одлучувам како претседател на Комисијата во согласност со моите овластувања. Не е во ред јас да не можам да присуствувам на тие посети и затоа овие точки воопшто не ги ставам на дневен ред“, рече претседателот на Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР, Скендер Реџепи.
Реагираше мнозинството барајќи претседателот да се предомисли и да дозволи комисијата да дебатира и за посета на Агенциите за разузнавање и за национална безбедност.
„Седницата мора да продолжи, зашто во демократија службите мора да имаат надзор. Вие не можете да се изземете и да велите не одиме во надозр на службите се додека јас не добијам сертификат, тоа е малку диктаторски зашто мнозинството гласа и одлучува со гласање. Ако кажеме дека точка 1 треба да биде посета на Агенција за разузнавање, таа точка се става на дневен ред без дополнителни образложенија, ако точка 2 е посета на Агенција за разузнавање тогаш тоа се става на дневен ред“, рече Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Седницата, наместо во дебата, се претвори во кавга. Епилогот е – прекин на сесијата.
Директорот Христовски излезе од седницата на комисијата без да каже ниту збор. СДСМ тоа го протолкува како потврда на неподготвеноста на власта да биде транспарентна и како доказ дека има нешто „матно“ во именувањето на првиот човек на АНБ.
„ДПМНЕ потврди, Бојан Христовски е незаконски именуван за директор на АНБ. Ова што денеска го видовме на седницата на комисијата за надзор над рабоата на АНБ и АР е чист доказ дека бегаат од соочување за ова прашање. Злоупотребувајќи го мнзинството тие денеска спречија расправа за прашања за кои јавноста очекува одговор. Ова е тиранија на мнозинството“, вели Славјанка Петровска од СДСМ.
Пред неполн месец Бојан Христовски беше именуван за директор на АНБ. Во неговата биографија има неколку спорни моменти – фактот дека бил висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, а законот за АНБ бара директорот да не е член на партија, при формирањето на Агенцијата пред 5 години не го поминал првиот филтер, сомнителна е веродостојноста на неговиот сертификат за познавање странски јазик...
АНБ е клучна институција во безбедносниот систем и произлезе од реформата на разузнавачкиот сектор со која згасна озлогласената УБК која беше централен дел од незаконското прислушување на илјадници граѓани.