Не сите го потпишаа Кодексот за фер избори

Your browser doesn’t support HTML5

Сите седуммина кандидати за претседател на државата се појавија, но не сите денеска го потпишаа кодексот за фер и демократски избори.

Сите седуммина кандидати за претседател на државата се појавија, но не сите денеска го потпишаа кодексот за фер и демократски избори. Неколкумина од претендентите за врвната функција во државата изразија сомнеж за претстојниот изборен процес, но само еден и формално одби да го потпише. Причината беше откажувањето на т.н мастер дебата на кандидатите.

„Утрово што ја добив веста дека се откажува мастре-дебата тоа не е во ред, не оди во насока на демократските процеси. Мене ми е жал, ви се извинуавм, но јас ќе го почитувам кодексот, но него нема да го потпишам“, рече Стевчо Јакимовски, кандидат на партијата ГРОМ.

Дел од останатите кандидати излегоа со свои забелешки за процесот, но тоа не ги разубеди, и покрај сомневањата, да го стават својот потпис на кодексот.

„Сметам дека ние денеска потпишуваме форма, а не суштина зашто ова што го потпишуваме нема да се почитува во целост. Жалам што почувствував многу хипокризија во дел од излагањата“, изјави претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски

„Прво кампањата е почната, кампањата веќе некои фаворизира. Ние поднесовме претставка и постапка против ДИК и АВМУ поради дескриминарона распределба на времето за наше претставување“, рече Билјана Ванковска, кандидатка за претседател на државата од партијата Левица.

Останатите учесници во претседателската трка се надеваат на, како што рекоа, демократски натпревар, и најавија фер игра.

„Уверен сум дека имаме доволно институционална меморија како држава и доволно политичка култура меѓу сите кандидатите да го одржат нивото на дебата и целиот процес да биде фер и демократски“, рече кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски.

„Што се однесува до мене – ниту минатиот пат, ниту сега нема да посегам по ад хоминем однос, ќе говорам со аргументи за програмата и ќе ги почитувам сите противкандидат“, изјави Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ.

„Се надевам дека овие избори ќе бидат најфер и најдемократски избори досега“, вели кандидатот на „ВРЕДИ“, Арбен Таравари.

„Ќе се залагам за позитивна кампања - сега повеќе станува збор за политички морал и даден збор пред граѓаните дека ќе се пристапи коректно кон овие избори важни за нашата држава“, истакна Бујар Османи, кандидат на ДУИ за претседател на државата.

Кодексот меѓу другото подразбира дека учесниците во изборите за претседател, чија кампања официјално почнува в четврток, ќе ги почитуваат законските одредби, нема да користат говор на омраза и ќе придонесуваат кон одржување на фер и демократски избори.