Не е можна борба против корупцијата без дигитализација и сајбербезбедност, рече министерот Андоновски

Од билатералната средба со помошникот администратор во УСАИД Џим Хоуп

Фокус на средбите во Вашингтон беше борбата против корупцијата преку дигитализација на институциите, рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој неколку дена е во работна посета на САД.

Андоновски, за Гласот на Америка на македонски јазик, рече дека на оваа тема имал повеќе билатерални средби во Стејт департментот и УСАИД, меѓу кои со директорот на канцеларијата за Јужна и Источна Европа Колин Хајленд, како и со помошникот администратор Џим Хоуп од УСАИД.

„Фокусот на средбите е борбата против корупцијата преку дигитализацијата на процесите во институциите и нудење брзи услуги за граѓаните. Секако тоа не е можно без сајбербезбедност, за што сум особено благодарен на проектите за техничка помош од УСАИД во државата“, изјави Андоновски.

Средбите на Андоновски во Стејт департмент се поклопија со посетата на заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан Александaр Касаноф на Скопје, кој, исто така, ја истакна поддршката на САД во делот на борбата против корупцијата.

„Сакам да потенцирам дека нашата поддршка во борбата против коруцпија е нешто многу сериозно го сфаќаме и нешто со што се справуваме на неколку начини – имаме неколку програми, а во однос на црната листа не можам да зборувам во детали, но тоа е наш приоритет“, изјави Касаноф.

Тој рече дека е несоодветно за него да зборува за новата американска администрација која треба да дојде, но рече дека за време на преостанатите месеци на оваа администрација „ние ќе продолжиме да ги вложуваме нашите напори и политики во однос на Северна Македонија“.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден на почетокот на мандатот најави борба против корупцијата, велејќи дека претставува закана за национална безбедност, не само во САД, туку и во цел свет.

Претседателот Џо Бајден во 2021 година потпиша извршна наредба, со која се предвиде блокада на имот и спречување влез во САД за одредени лица кои придонесуваат кон дестабилизација на Западен Балкан, за постапки кои, меѓу другото, вклучуваат корупција.

Кампањата на Доналд Трамп, пред да победи на изборите на 5 ноември, за Гласот на Америка на македонски јазик, рече дека надворешната политика на претседателот Трамп кон Западен Балкан ќе ги нагласи прагматичните партнерства насочени кон стабилност, економски можности и борба против корупцијата.

„Белата куќа предводена од Трамп нема едноставно да турка широкогради изјави за демократијата. Ќе донесе вистински, одговорни резултати преку директно работење со локалните лидери и луѓето во регионот“, изјави Христос Марафацос, заменик-претседавач со Националната коалиција за различности на претседателот Трамп.

Андоновски не се сретнал со блиски соработници на Трамп

Андоновски во Вашингтон учествуваше и на светскиот форум на Меѓународната демократска унија, на кој, меѓу другите, се обрати републиканскиот конгресмен од Флорида Мајкл Волц, кој Трамп го избра за советник за национална безбедност.

„На форумот на Меѓународната демократска унија беа присутни и голем број претставници на бизнис секторот од САД, Израел, Европа и Австралија. Имав можност да остварам неколку важни средби во насока на привлекување на инвестиции во секторот на ИТ технологиите во Македонија“, рече Андоновски.

Летово, Девин Нунес, извршниот директор на Трамп Медиа и поранешен конгресмен од Калифорнија, заедно со уште двајца бизнисмени, беше во Скопје каде се сретна со премиерот Христијан Мицкоски и владини претставници.

Во своите јавни коментари, премиерот тогаш ги опиша Нунес и уште еден присутен како „двајца од најблиските соработници на поранешниот претседател на САД Доналд Трамп“.

Андоновски, во објава на Линкдин, тогаш истакна потенцијални деловни зделки, велејќи дека „инвестицискиот потенцијал што го нудат овие водечки светски компании може да ја револуционизира нашата дигитална инфраструктура“.

Тој рече дека не се сретнал со оваа делегација сега во Вашингтон, но додаде:

„Иако е прерано да се зборува за конкретни компании и временски одредници, сметам дека во 2025 година ќе има одличен напредок во полето на инвестициите во дигиталниот сектор, и преку државни проекти, но и преку нови инвестиции на глобални играчи во оваа сфера. Секако во оваа насока е и соработката со високата економска делегација која ја посети Македонија во текот на летото, која се надеваме дека ќе донесе резултати во периодот кој што следи“.

В година ќе се заштитат веб-страниците на сите минситерства, нема да може да се продаваат кинески кондури преку нив

Министерството за дигитална трансформација се` уште нема веб-страница. Андоновски кажа дека во тек е тендерска постапка и оти очекува решение в година.

„Во тек е тендерска постапка за изведувач на овој проект, и се надевам дека по успешното завршување, во почетокот на 2025 ќе имаме веб-решенија за сите министерства, вклучително и нова веб- страница на Министерството за дигитална трансформација“, рече тој, додавајќи дека се работи на заеднички пристап за сите владини институции.

„Имајќи во вид искуство од минатото каде беа пробивани веб-страниците на Владата и клучни министерства и преку нив се продаваа кинески обувки, беше потребно подолго време за да се дефинира процес на заедничко формирање на веб-страници за сите министерства, кои ќе бидат заштитени под една капа, пристапни за сите вклучително и за лица со попреченост, интуитивни и лесни за употреба“.