Најомразениот музеј во Финска е посветен на Ленин

Your browser doesn’t support HTML5

Финскиот музеј за Ленин, „најомразениот“ во земјата според неговиот директор, ќе ги затвори вратите на крајот на годината поради ребрендирање, бидејќи историските добри односи на Финска со Русија, бледнеат. Известува Хенри Вилкинс

Кале Калио, директорот на финскиот музеј за Ленин, го нарече најомразениот музеј во земјата. Се наоѓа во градот Тампере, во зградата каде што некои велат дека советските диктатори Владимир Ленин и Јосиф Сталин се сретнале за прв пат во 1905 година.

Музејот ги спомнува логорите за принудна работа и масовните убиства во Советскиот Сојуз, но има и за цел да ги исмева диктаторите. Калио вели дека музејот го прифатил овој пристап најмногу поради анкетите на посетителите.

„Најбараното нешто беше советскиот хумор, па сакаа музејот да биде забавен. Затоа што, се разбира, има многу работи со Советскиот Сојуз за смеење“, вели Калио.

Кураторот додава дека целосната инвазија на Русија на Украина ги сменила ставовите на луѓето.

„Имавме прашање - „Дали сметате дека музејот е смешен? Интересното е тоа што кога започна војната во Украина во 2022-та, опадна посетеноста. Луѓето повеќе не го гледаа Музејот како нешто смешно“, објаснува Калио.

Севкупниот сентимент сега се претвори во гнев кај критичарите кои велат дека Музејот се обидува да го глорифицира не само Ленин, туку и рускиот империјализам.

Виталиј Заболоцки е претседател на заедницата на Украинците од Тампере.

„Да се види овој музеј како го велича она што во суштина е руското наследство, е одвратно со оглед на наследството на Советите во Украина“, посочува Заболоцки.

Во април, Музејот објави дека ќе ги затвори вратите за ребрендирање што ќе вклучи промена на името и префрлање на својот фокус на односите Русија-Финска, а не на Ленин.

Калио вели дека се покажало тешко да се обезбеди финансирање.

Финска и Русија делат 1.300 километри граница и одржуваа главно добри односи дури и за време на Студената војна. Тоа се промени со руската инвазија на Украина.
Финска се приклучи на НАТО бидејќи ставовите на јавноста се сменија поради загриженоста за рускиот експанзионизам.

Повеќето од посетителите на музејот се од Финска, но Калио вели дека повремени посетители и туристи од поранешна советска република често имаат силно негативно мислење за Музејот.

„Многу е покомплицирано да се има таа хумористична перспектива на советското наследство каква што можеме ние да ја имаме од западните земји, па дури и Русите“, објаснува кураторот.

Заболоцки вели дека е внимателен оптимист за ребрендирањето на музејот.

„Кога зборувате за нацисти, зборувате за холокаустот. Зборувате за сите кампови, и јас многу би сакал да го видам истиот формат, но да видиме како ќе биде“, вели Заболоцки.

Калио изјави за Гласот на Америка дека новиот музеј ќе го одрази падот на односите Финска и Русија и ќе добие посериозен тон.

„Она што изгледаше некогаш историја, за многумина во Финска, денес повторно се јавува непријатно чувство“, вели кураторот.