Најмалку четири лица загинаа, а едно лице се води како исчезнато откако 16-метарски туристички брод се преврте и потона на езерото Маџоре во северна Италија во неделата вечерта.
Нуркачите поддржани од хеликоптер продолжија да трагаат по исчезнатото лице.
Во спасувањето и потрагата е вклучена воздухопловна брза помош, неколку возила за брза помош и пожарникари, како и крајбрежната стража и полицијата.
Националната противпожарна и спасувачка служба соопшти дека 20 лица успеале да испливаат на брегот или биле спасени со други чамци, а пет од нив биле пренесени во околните болници за медицинска помош.
Спасувачките напори, сепак, беа забавени поради силниот дожд и темнината, соопштија властите.
Италијанските медиуми објавија дека во чамецот имало 25 лица, меѓу кои и патници и членови на екипажот. Патниците славеле роденден кога над езерото одеднаш се развило силно невреме и силните ветрови го превртел чамецот. Сите патници завршиле во ледените води на езерото Маџоре.
Непотврдени извештаи во локалните медиуми велат дека патниците биле британски, италијански и израелски државјани.
Езерото Маџоре се наоѓа на јужната страна на Алпите на границата меѓу Италија и Швајцарија. Тоа е популарна дестинација за туристите.