Официјални лица во Мозамбик соопштија дека најмалку 96 лица загинале, а најмалку 20 се водат како исчезнати откако импровизиран траект со околу 130 луѓе се преврте во неделата кај северниот брег на земјата.
Во интервју за националната телевизија во понеделникот, провинцискиот државен секретар Хаиме Нието рече дека траектот бил преправен рибарски брод и бил натоварен многу повеќе од неговиот капацитет. Тој рече дека тргнал од градот Лунга и се упатил кон островот Мозамбик, на околу четири километри од брегот на провинцијата Нампула.
Нието рече дека некои од луѓето на бродот отишле на саем на островот, додека многу други бегаат поради појава на колера во нацијата. Островот Мозамбик - место за светско наследство на УНЕСКО - некогаш бил колонијален главен град на нацијата и е поврзан со копното со мост.
Официјалните лица објавија дека 11 лица се спасени и дека операциите за пребарување продолжуваат.
ОН известуваат дека Мозамбик, една од најсиромашните земји во светот, има регистрирано речиси 15.000 случаи на колера и 32 смртни случаи од октомври. Провинцијата Нампула е најпогодениот регион, со една третина од сите случаи.
Некои информации за овој извештај дадоа Асошиетед прес, Ројтерс и Франс прес.