Најавените депортации од САД на лицата без документи стануваат сe' поизвесни

Your browser doesn’t support HTML5

Депортациите од САД на лицата без документи стануваат сe' поизвесни, откако новоизбраниот претседател, Доналд Трамп, на мрежата „Truth Social“ нагласи дека неговиот избор за одговорно лице за границата „ќе биде главно за сите депортации на илегални странци“. Известува Вероника Вилафање

Изборот на Доналд Трамп за одговорно лице за границата работи повеќе од 30 години во федералната контрола на имиграцијата. Том Хоман изјави на овогодинешната републиканска национална конвенција дека секој претседател кажал дека ќе ја обезбеди границата, но само Трамп го има направено тоа.

„Тој ја создаде најбезбедната граница во нашата историја. И тоа е неверојатен факт. Тоа го докажуваат податоците. И погодете што: Тој ќе го направи тоа повторно“, истакна Хоман.

За време на кампањата, Трамп вети масовни депортации на имигранти без документи.

„Веднаш по полагањето на заклетвата, ќе ја започнам најголемата програма за депортација во американската историја“, истакна Трамп.

Иако експертите забележуваат дека миграцијата и стапката на криминал не се поврзани, Хоман вели дека депортациите ќе ги поправат, како што ги нарекува, имиграциските грешки на Џо Бајден.

„Претседателот Трамп ќе стави крај на лудилото на отворени граници од времето на Бајден-Харис. Ќе спречиме дрогата и криминалот да се слеваат во вашите заедници“, рече Хоман.

Хоман беше вршител на должноста директор за имиграција и царинско спроведување во првата администрација на Трамп, кога имаеше зголемување од 40 отсто во апсењата за депортација.

„Вкупните отстранувања се намалени затоа што границата е под подобра контрола отколку што беше 45 години“, рече Хоман.

Илегалната имиграција беше главен проблем за многу гласачи на овогодинешните избори. Политичкиот аналитичар Франциско Родригез вели дека Хоман има пристап на „нулта толеранција“.

„Значи, ако сте овде криминалец и имате дете или семејство овде, Хоман изјави дека можете да заминете со вашите деца, со вашиот брачен другар. Никој не вели дека семејството ќе биде разделено“, вели аналитичарот Родригез.

Поранешната законодавка во сојузната држава Флорида Дејзи Баез, вели дека намерата на Трамп да го номинира Хоман е предупредување за имигрантската заедница.

„Ако не сте државјанин или постојан жител, немате гаранција дека ќе останете во оваа земја. Многу е веројатно дека ќе бидете на списокот на оние кои ги исполнуваат условите за депортација“, посочува Баез.

„Имам порака до милионите нелегални лица што Џо Бајден ги ослободи во нашата земја со кршење на федералниот закон: Подобро да почнете да се пакувате сега“, беше категоричен Хоман.

Хоман е поранешен њујоршки полицаец кој придонел за Проектот 2025, збир на предлози за политика објавени од конзервативната истражувачка група на Фондацијата Херитиџ, за, цитирам „да се спаси земјата од радикалната левица“.