НАТО дискутира за зајакнување на санкциите спрема Русија

Претседателот Барак Обама треба да излезе со изјава на завршувањето на самитот

Лидерите на НАТО, кои се среќаваат втор ден на самит во Велс, во петок разгледуваат повеќе санкции против Русија во врска со нашироко прифатеното мислење дека ги поддржува сепаратистите во источна Украина.

Дваесет и осумчлената одбранбена алијанса исто така се очекува да одобри распоредување на сили за брза реакција и воена опрема во источна Европа за да помогне да се обесхрабри потенцијална тамошна руска воена агресија.

Британскиот премиер Дејвид Камерон во петок соопшти дека неговата држава ќе придонесе со персонал од 3.500 во силите за брза реакција, велејќи дека НАТО мора да го зголеми капацитетот за справување со предизвиците во Европа.

Камерон ова го кажа по средбата со американските лидери, вклучувајќи го и претседателот Барак Обама, кој треба да излезе со изјава на крајот на самитот.

Претходно, британскиот секретар за надворешни работи Филип Хамонд кажа дека Западот планира да се придвижи напред со санкциите за Русија, но кажа дека тие може да бидат симнати зависно од исходот од петочните мировни разговори што може да резултираат во прекин на огнот.

Украинската криза доминираше на разговорите, но лидерите на НАТО се фокусирани на развивање стратегија во врска со заканата од екстремистите на Исламската држава кои изминативе недели презедоа големи територии во северен Ирак и источна Сирија.