Тивок дипломатски ден или „затишје пред бура“ во македонско-руските односи по одлуката на Скопје да протера руски дипломат поради негови обиди да добие безбедносни информации за Македонија, како и поради солидарност со европските сојузници по инцидентот во Солсбери. Руската амбасада во земјава молчи за идните чекори на Москва, а македонската влада нема сознанија дали ќе следат руски реципрочни мерки.
„Во моментов нема ништо ново, нашата одлука вчера ја објаснија министерот за надворешни работи Никола Димитров и премирот Зоран Заев и сметаме дека се запазени дипломатските процедури и согласно Виенската конвенција е постапено онака како што налагаат законите во Република Македонија“, рече Миле Бошњаковски, портпарол во владата на Р.Македонија.
Наспроти дебатата во јавноста дали Македонија избрзала со одлуката, како што смета и шефот на државата, како и воздржаноста на главните политички партии да коментираат за ситуацијата, проруската „Единствена Македонија“ јасно го осуди чинот на македонската дипломатија и побара, по спротивставувањето на Иванов, рускиот дипломат сепак да не биде протеран. Од оваа партија најавија како Москва може да возврати.
„Од Русија може да се очекува блокада кон нашите земјоделски производи, да не се извезуваат во Русија, во нашата армија сето оружје е руско и може да се случи колапс во армијата зашто ќе нема резервни делови за оружјата што се со руско производство“, изјави Драган Угринов од Единствена Македонија.
Вчера во центарот на Скопје и пред руската амбасада се одржаа протест против одлуката на МНР да протера еден руски дипломат од земјава.