Американскиот претседател Барак Обама денес ја осуди руската интервенција во Украина како „дрзок напад“ врз интегритетот на земјата и даде уверување на Естонија, Литванија и Латвија дека НАТО ќе ги брани од секаква агресија на Москва.
Обама рече дека балтичките земји еднаш ја загубија независноста поради Русија, но дека со НАТО никогаш повеќе нема да ја загубат. Тој говореше пред околу 2.000 лица во концертна сала во естонскиот главен град Талин, по средбата со првите лица на трите држави што станаа членки на НАТО во 2004-та.
Обама изјави дека НАТО ќе биде одлучен во одбраната на овие земји на западната граница на Русија: „Ќе ги браниме нашите НАТО-сојузници. Тоа значи - секој сојузник. Во овој сојуз, нема нови и стари членови, помлади и постари. Едноставно, сите се сојузници“.
НАТО во 1997-ма се согласи да не позиционира сили на руските граници, но Обама рече дека тоа ќе биде предмет на дискусија на утрешниот самит на НАТО во Велс затоа што „околностите очигледно се промениле“ со руската вмешаност во ситуацијата во Украина.
Обама најави дека планира да испрати дополнителен број авиони на Балтикот, во време кога се обидува да ја смири загриженоста на балтичките држави поради руската вмешаност во Украина и евентуалната закана по нив.
Американскиот претседател кажа и дека сите НАТО-членки мора да дадат праведен дел за покривање на одбранбените трошоци, за да го зајакнат сојузот. Тој ја издвои Естонија како пример за тоа дека сите 28 членки мора да го исполнат ветувањето да одвојат 2% од бруто домашниот производ за НАТО.