Северна Македонија официјално стана 30. членка на НАТО

Американската амбасадорка Кејт Брнс рече дека е горда да ја поздрави Северна Македонија како 30.членка на НАТО

Северна Македонија официјално стана 30. членка на НАТО Алијансата, изјави министерот на надворешни работи Никола Димитров, кој заедно со американската амбасадорка во Скопје Кејт Брнс, преку видео конференција, ја проследи официјалната церемонија во Стејт департментот.

„Сакам да им оддадам признание на сите македонски граѓани, плејада функционери, војници и дипломати, кои беа вклучени во овој важен стратешки процес“, рече Димитров, кој најави дека в понеделник, знамето на државата ќе се крене пред официјалното седиште на НАТО во Брисел, и во Командата на сојузничките сили во сојузната американска држава Вирџинија.

Тој рече дека членството на НАТО се случува во време на КОВИД-19, поради што церемонијата била поскромна, но, оти тоа не го намалува значењето на овој историски момент.

„Но тоа не го намалува значењето на овој историски момент. Јас на втори април, ќе ја имам честа да бидам првиот претставник на ниво на министер на Северна Македонија на Министерскиот состанок на НАТО, кој ќе се одржи преку видео конференција“, рече Димитров.

Американската амбасадорка Кејт Брнс рече дека е горда да ја поздрави Северна Македонија како 30.членка на НАТО.

И Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ѝ посака добредојде на државата како 30. членка на НАТО, велејќи дека патот бил долг, но, оти вредел.