СКОПЈЕ – Извршителите одбиваат да ги применат измените на Законот за облигациски односи и извршување во делот на застарување на долгот и им наплаќаат на граѓаните и во случаи кои измените предвидуваат тоа да не се прави односно ако во рок од 5 години по правосилноста на извршната исправа не се поднесе предлог до извршителот за извршување или ако има барање за извршување, а во рок од 10 години не биде извршено, соопшти Народниот правобранител Насер Зибери. Министерството за правда не реагира на укажувањата на правобранителот а судовите во голем дел судат во корист на извршителите откако граѓаните должници ќе поведат постапка.
„Измените на го дадоа очекуваните резултати во поглед на застарувањето бидејќи имаме голем број на претставки од граѓани. Извршителите ги одбиваат барањата за престанок на наплата или запирање на постапките како резултат на измените во законот“, вели Зибери.
Тој имам состанок со претставници на Комората на извршители но решение не било најдено ниту пак прецизен одговор зошто тоа се случува и зошто и покрај измените на законот извршителите наплаќаат долгови кои се застарени. Народниот правобранител вели дека одговорите на извршителите се различни и дека немаат став и унифицираност а се повикуваат на ненадлежност и неможност за постапување, материјата не била решена со процесен закон или велат дека се ненадлежни за утврдување на застареност и не се должи по службена должност да постапуваат.
„Од Комората на извршители добивме правно мислење во кое исто така се повикуваат на ненадлежност и немање обврска по службена должност за проверка на извршните исправи. Со еден збор одбиваат да постапуваат по барањето на должниците за запирање на постапката за извршување. Круна на сето ова е што министерството за правда нема сменето подзаконски акт со кој е уредена формата и содржината на налози и заклучоци и тоа им е аргумент дека немаат образец за постапување“, вели Зибери.
Зибери побарал објаснување и од министерството за правда.
Секој граѓанин кој има долг за извршување има право на одлуката на извршителот да поднесе пријава до суд, но според Зибери и кај судовите нема унифициран став. Истражувањето кое го спровеле тимови на Народниот правобранител утврдил дека дел од судовите априори ги отфрлаат приговорите и ги прифаќаат одлуките на извршителите а дел ги прифаќаат приговорите на должниците и тоа најчество е во судовите во Куманово и Битола.
„Побарав образложение зошто првостепените судови така отстапуваат како и апелациските а ми беше испратено правно мислење изготвено на заедничка седница на сите апелации во државата во кое стои дека извршителите не се должни по службена должност да утврдуваат застареност и не може да постапуваат бидејќи не било уредено со закон за извршување. Измените во делот на застарувањето немаат ефект за граѓаните. И таму каде што судовите ќе пресудат во корист на граѓаните должници, на одлуките на првостепените судови е дозволено жалба и Апелација ги укинува сите одлуки и остануваат одлуките на извршителите за да продолжат постапките за извршување“, дециден е Зибери.
Тој предупреди дека извршителите исто така ги манипулираат граѓаните бидејќи во обрасците за извршување кои ги доставуваат до граѓаните стои дека според член 86 од Законот за извршување имаат право на жалба но не е наведен рокот од 3 дена па затоа граѓаните често го пропуштаат.
„Содржината на налогот за извршување и обрасци, во правната поука има дека должникот има право согласно член 86 од Закон за извршување да поднесе приговор до надлежниот Суд но ова е замка бидејќи членот утврдува рок од 3 дена за постапување и ако извршителот не го нагласи некој должник правно неписмен па дури и правник и адвокат не ги знаат сите прописи и да го знае рокот“, рече Зибери.
Во делот на законските измени кои се однесуваат на каматите кои наплатуваат извршителите, односно дека каматата не смее да ја надмине главнината на долгот како што тоа досега беше пракса и некои граѓани кај извршителите плаќаа само камати и по дваесетина година, Зибери нагласи дека тоа се почитува и дека во моментот кога каматата ќе биде иста како и долгот повеќе не се извршува а потврда на тоа е што не добиле претставки од граѓани.