Овој подводен дрон, наречен Хидрус, користи вештачка интелигенција за проучување на коралните гребени. Големиот корален гребен во Австралија е погоден од големо избелување на коралите предизвикано од потоплите води на океанот.
Сега, со помош на Хидрус, научниците работат на попрецизни и поредовни истражувања за подобро да го разберат влијанието на климатските промени.
Мелани Олсен ја води програмата „РифВоркс“на Австралискиот институт за наука за морето.
„Тимови за нуркање можат да видат и да одат до одредено место. Моравме да ги зголемиме нашите методи на истражување за да вклучиме употреба на роботика, само за да ни овозможи да одиме подлабоко, да оперираме во области каде што сега рутински живеат предатори, како крокодили, бик ајкули и медузи“, вели Олсен.
Хидрус работи целосно автономно со опсег од повеќе од 8 километри за три часа. Може да оди до длабочина од над 3.000 метри и да снима видео со камера со висока резолуција 4k. Дронот има сонар и навигација со вештачка интелигенција.
Менаџерот во „АдвансдНавигејшн“ Питер Бејкер, вели дека нивната технологија се користи за изградба на 3-Д мапи од гребенот.
„Работиме на мапирање на коралите со Австралискиот институт за наука за морето. А она што тие се обидуваат да го направат е да мапираат области со корали за да откријат промени во тие области, кои потоа можат да ги искористат за моделирање на целиот гребен. Една од придобивките од постоењето на роботски систем е тоа што секојпат се враќа на истата локација и секојпат ја прави истата фотографија од иста ориентација, што е навистина тешко да се постигне со нуркач“, објаснува Бејкер.
Големиот корален гребен претрпел шест локализирани случаи на избелување од 1998 година. Избелените корали можат да се повратат ако водите се изладат, но ако температурите на океаните останат високи подолг период, тие ќе изумрат.
Океанографите го поврзуваат ово масовно избелување со климатските промени.