СКОПЈЕ – Најавуваната „новогодишна потрошувачка кошничка“ од 15 декември стапува на сила и во неа ќе се најдат 675 производи за кои трговците, производителите и дистрибутерите се согласиле да ги продаваат по акциски цени со намалување од најмалку 10 отсто. Во кошницата ќе се најдат основните прехранбени производи, леб и житарици пекарски производи, месо и преработка од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни и алкохолни пијалаци. Листата на производи и маркети каде ќе се продаваат е објавена на веб страната www.mojakosnica.mk.
„Оваа иницијатива за новогодишната кошница беше покрената од производителите дистрибутерите и трговците кои се понудија да достават листа на нивните најпродавани производи за време на новогодишните производи а кои ќе се продаваат ан акции по пониски цени од 10 проценти и повеќе. Новогодишната потрошувачи кошница е акциско намалување на цените на одделни прехранбени производи алкохолни и безалкохолни пијалаци која ќе важи еден месец односно од 15 декември до 15 јануари“, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.
Производите ќе бидат обележани со налепница на која ќе стои логото „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
За разлика до есенската потрошувачка кошница, сега не станува збор за одлука на Владата туку за акциско намалување на цените и договор со трговците и затоа нема да има казни за трговците и производителите.
„Тоа е многу важно, бидејќи на тој начин ќе можат и граѓаните сето тоа да го препознаат. Нормално, ова не е направено со интервентна мерка од страна на Владата, не е направено со ограничување на цените, туку е консензуално решение и поради тоа нема да има за ова казнување, се разбира, туку ќе има само мониторинг на тоа дали на сите тие производи ќе бидат залепени сите овие налепници за коишто зборуваме, за да биде видливо за граѓаните, за да можат тие да ги препознаат овие производи“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Јавноста веќе со забелешки дека дел од производите кои се опфатени со оваа акциска мерка изминативе неколку дена поскапеле и затоа нема да има никаков ефект евентуално намалената цена за 10 отсто. Поради отсуството на ефективни мерки за контрола бидејќи станува збор за акција, премиерот Мицкоски му наложи на пазарниот инспекторат да изврши контрола во текот на денешниот ден и да ги нотира цените кои се во моментот за да може да се провери дали навистина тие поскапуваат или се намалиле.
Затоа контрола пак ќе врши Синдикатот и граѓаните.
„Ова е од причина што новата Синдикална минимална кошница ќе биде пресметана на 20 декември, а мерките стапуваат на сила на 15 декември со што ќе знаеме што реално е намалено од основните производи во делот за храна и пијалаци, а на 20 јануари ќе знаеме дали по завршување на мерката на 15 јануари, трговците направиле зголемување на цените со што би се изгубил ефектот од истите“, соопштија од ССМ.
Од Владата соопштија дека очекуваат граѓаните да заштедат со купување на овие производи а конечната сума ќе ја соопштат по завршување на акцијата.
Во периодот кога есенската потрошувачка кошница беше на сила имаше производи кои воопшто не поевтинија а некои минимално а пазарната инспекција регистрираше низа неправилности и манипулации. Владата тврдеше дека граѓаните заштедија до 1.300 денари за еден месец додеа граѓаните беа на ставот дека поевтинувањето се броело во денари и затоа не почувствувале никаков ефект.