Заев: Јуни не е реалистичен за добивање датум

Your browser doesn’t support HTML5

Се намалуваат шансите за Северна Македонија во јуни да добие датум за почеток на преговори за членство. И покрај чистата препорака што вчера ја даде Европската комисија, последните сигнали од престолнините на клучните земји-членки се дека е малку веројатно наредниот месец да дадат „зелено светло“.

Меѓу веќе познатите воздржани држави - Франција и Холандија се приклучува и Германија. Премиерот Зоран Заев го посочи и германскиот Бундестаг како можна пречка за датум во јуни:

„Очекуваме датумот за почеток на преговори да биде даден ова лето. Јасно е дека јуни е тешко достижен, заради тоа што Бундестагот има седница меѓу 3-ти и 6-ти јуни и не верувам дека извештај што се објавува на 29-ти мај и треба формално-правно да се процесуира и да стигне до националните парламенти на земјите членки на ЕУ, ќе може меѓу 3-ти и 6-ти јуни да биде на седница, иако ако се направат малку поголеми напори од Германија како голем пријател тоа би било можно“.

Двајца влијателни пратеници на владејачката ЦДУ на канцеларката Меркел во само два дена пратија песимистички прогнози за Македонија. „Нема да има брза одлука за Северна Македонија и Албанија по препораката на Европската комисија. Ваква проверка не може да се случи набрзина. Тоа не би можело да се оправда пред германското население, ниту пак би било соодветно за засегнатите земји“ – изјави денеска Јохан Вадефул.

Со ова тој само го дополни неговиот сопартиец Гинтер Крихбаум кој вчера кажа дека „додека Бундестагот донесе одлука ќе дојде октомври“.

Заев, иако очекува датум летово, не ја исклучува опцијата тоа да се случи наесен, како и што порачуваат од Бундестагот чиј глас е обврзувачки за Берлин да каже „да“ за Македонија.

„Само ако не успеат националните парламенти тоа да го направат тогаш тоа би можело да се одложи за есен“ кажа Заев.

По вчерашното врачување на извештајот на Европската комисија, државниот врв предупреди дека евентуалното одложување на датумот за старт на преговори би можело да ги поткопа европските процеси во Македонија.