На средбата со Зеленски, Трамп вети договор „добар за двете страни“

Володимир Зеленски и Доналд Трамп во Њујорк - 27, септември, 2024 година

ВАШИНГТОН - Поранешниот претседател Доналд Трамп денеска се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Њујорк, ветувајќи дека тој „може да направи нешто што е добро за двете страни“ за да се стави крај на руско-украинската војна, доколку биде избран.

Како одговор на прашањето на Гласот на Америка, републиканскиот претседателски кандидат го повтори своето тврдење дека брзо ќе ги прекине борбите што започнаа со руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Доналд Трамп

„Ние имаме многу добри односи, посебно јас, како што знаете, со рускиот претседател Владимир Путин. И, мислам дека ако победиме, мислам дека ќе го решиме тоа многу брзо.

Ова е значаен состанок за Зеленски, бидејќи тој работи на гаранции дека Вашингтон ќе продолжи да ги поддржува неговите воени напори без разлика кој ќе победи на претседателските избори во САД во ноември.

„Имаме заеднички став дека војната во Украина треба да се прекине, а Путин не може да победи“, рече Зеленски додека стоеше до Трамп.

Трамп постојано изјавува дека сака да заврши руско-украинската војна, но не кажува дали сака Киев да победи и да ги задржи сите негови територии.

„Ќе видиме што ќе се случи“, рече тој во четвртокот како одговор на прашањето дали Украина треба да предаде дел од својата земја на Русија за да ја заврши војната.

Володимир Зеленски и Доналд Трамп во Њујорк - 27, септември, 2024 година

„Разбираме дека по ноември треба да одлучиме и се надеваме дека пријателите на САД ќе бидат многу силни и сметаме на тоа“, рече Зеленски. „Затоа решив да се сретнам и со двајцата кандидати, со сета чест спрема нив, додаде тој.

Трамп е практично изедначен во анкетите со потпретседателката Камала Харис. За разлика од Трамп, кој се залага Киев да склучи договор со Москва, Харис подвлече дека се зависи од Украина како ќе одлучи да заврши војната.

„Ќе продолжам да бидам со Украина и ќе работам за да се осигурам Украина да победи во оваа војна“, вети таа.

Володимир Зеленски и Камала Харис во Вашингтон - 26, септември, 2024 година

Без да споменува имиња, Харис го критикуваше Трамп со тоа што ги осуди повиците Украина да ја прекине војната со отстапување територии на Русија, фокусирајќи се на предлогот на републиканскиот кандидат за потпретседател Џеј-Ди Венс.

Џеј-Ди Венс

Венс во едно неодамнешно интервју предложи Украина и Русија да ги прекинат борбите и да создадат демилитаризирана зона на сегашните борбени линии. Киев ќе треба да се придржува до неутрален статус и да ја прекине својата кандидатура за влез во НАТО.