Дона Вест, долгогодишна демократска активистка, не само што ги организира гласачите за потпретседателката Камала Харис од нејзината гаража во Лас Вегас, Невада, туку таа вели дека исто така помага демократската сенаторка Џеки Розен да го задржи нејзиното место во Сенатот на САД.
„Колку повеќе можеме да излеземе и да разговараме со гласачите, толку повеќе сум уверена дека ќе ја вратиме Џеки во Сенатот и ќе освоиме мнозинство“, вели Вест.
Невада е една од неколкуте американски сојузни држави на национално ниво со конкурентни трки во Сенатот што ќе одредат дали демократите или републиканците ќе имаат мнозинство.
Демократите во моментов имаат тенко мнозинство со 51 место. Противкандидатот на Розен, Сем Браун - кој бил повреден на служба во Авганистан - вели дека е време за промени во Вашингтон.
„Имаме економија на која треба да работиме. Видете, има работи што можеме да ги направиме, од домување до нашата енергетска политика. Мораме да ја следиме ситуацијата на границата“, вели Браун.
Анкетите во Тексас, традиционално упориште за републиканците, покажуваат тесна трка меѓу демократот Колин Алред и републиканскиот сенатор Тед Круз.
Во нивната дебата минатата недела, Алред го предизвика Круз за нападот на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.
„Овие избори се за негова одговорност. Не можете само да бидете патриот кога вашата страна победува“, вели кандидатот Алред.
Круз се спротивстави на тој аргумент.
„Не го слушате да зборува за немирите на Антифа и Црните животи значат што ги запалија градовите низ оваа земја“, истакна сенаторот Круз.
И во руралната држава Монтана, демократскиот сенатор Џон Тестер се соочува со предизвик од републиканецот Тим Шихи.
На Демократската национална конвенција претходно оваа година, еден делегат рече дека многу гласачи во државата може да гласаат за поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп, но оти ќе задржат демократ во Сенатот.
„Сенаторот Тестер испорача за нас во однос на земјоделските програми и ние сме премногу паметни за да се откажеме од тоа“, вели Мери Јо О'Рурк, гласач од Монтана.
Но, на Републиканската национална конвенција, делегатите рекоа дека либералното гласање на Тестер не е добро за државата.
„Тим Шихи е вистински ветеран. Тој е воен херој. Тој е маринец“, додава Созан Ренау од Монатана.
Контролата на Претставничкиот дом на САД, исто така, потенцијално би можела да се смени - преминувајќи од републиканците кон демократите. Сите 435 места се за реизбор оваа година.