Мур ги отфрла наводите за сексуално малтретирање

Републиканскиот кандидат за член на Сенатот на САД, Рој Мур го отфрла најновото тврдење од страна на жена која го обвини дека тој сексуално ја нападнал кога таа била 16 годишна келнерка, а тој бил окружен правобранител во јужната сојузна држава Алабама.

Мур вели дека не ја познава жената, нарекувајќи ги обвиненијата едноставно како политички напад:

„Ако ја разгледате оваа ситуација, ќе видите дека тоа е поради тоа што сум 11 проценти во водство, десет или единаесет поени напред. Кампањата трае само 28 дена и ова е политички маневар, и нема никаква врска со реалноста. Ова е само политика.“

Мур не одговараше на прашања, но и дозволи на својата сопруга да даде изјава, бранејќи го неговиот карактер. Во статија објавена минатата недела од Вашингтон пост, четири други жени го обвинија Мур за сексуално малтретирање кое се случило кога тие биле тинејџерки.

И покрај наводите, државниот секретар на Алабама вели дека Мур ќе остане на гласачкото ливче и дека гласачите ќе може да гласаат за него на изборите на 12-ти декември.

Републиканците во Сенатот отворено разговараат за отстранување на Мур, ако тој победи на вонредните избори за пополнување на испразнетото место кое го држеше јавниот правобранител на САД, Џеф Сешнс.

Лидерот на републиканското мнозинството во Сенатот, Мич Меконел, рече дека Мур треба да се повлече.