Претседателот побарал од неговите советници повеќе информации за неговата моќ да изземе, или како што е познато – да пардонира, соработници, членови на семејството, па дури самиот себе во врска со истрагата, известува весникот Вашингтон пост, цитирајќи инволвирано лице. Друго лице за весникот кажало дека адвокатите на Трамп меѓу себе ја дискутирале моќта на претседателот да дава пардон.
Според извештајот на Њујорк тајмс, пак, соработниците бараат низ професионалниот и политичкиот живот на истражителите за некаков конфликт на интереси што би можеле да го употребат за дискредитирање на истрагата или да изградат случај против Мулер.
Овој најнов развој е уште еден знак за потенцијален директен конфликт меѓу Трамп и Мулер, кој состави силен тим од обвинители и истражители да испитаат дали некој од советниците на Трамп помогнале во кампањата на Русија да се пореметат претседателските избори минатата година, како и да ја претресат финансиската историја на Трамп.
Правниците на Трамп одбиле да коментираат по прашањето, но еден од советниците за Тајмс кажал дека претседателот едноставно бил љубопитен да ја разбере постапката на пардонирање, како и границите на истрагата што ја води Мулер.