Во соседството на Кедар Риверсајд во Минеаполис, Шеик Абдирахман Шариф, имам на исламскиот центар Дар Ал-Хиџра, петочната церемонија ја посвети на гласањето.
„Темата ги охрабрува луѓето да гласаат и исто така да разберат, особено луѓето кои што не се белци, Сомалијците и Источно Африканците, да ја знаат и да ја разберат долгата историја на гласачките права. Затоа мојата тема денес беше важноста на гласањето.“
Шариф е меѓу верските лидери во Минесота кои ги користат церемониите за да ги поттикнат луѓето да излезат на гласање. Тој вели дека нагласувањето на учеството во гласањето е во согласност со генералниот концепт на џамиите.
Шариф им нагласил на верниците дека гласањето е единствен начин да предизвикаат промена и да бидат слушнати. „Во ова време во нашата американска историја има многу поделби и омраза низ земјата, особено во политиката. Со цел муслиманската заедница, луѓето кои што не се белци и Источно Африканците да учестуваат во тоа, мораат да гласаат, ако сакаат да го променат системот.“
Поради поттикот од џамиите некои верници по молитвата отидоа во локалните гласачки места на рано гласање. Калид Мохамед Хасан беше меѓу десетиците Сомалијци кои гласаа прв пат во животот.
„Прв пат гласам. Сакам да гласам за муслимански кандидати и за прашања поврзани со здравствената грижа“, рече Хасан.
Меѓу муслиманските кандидати во Минесота е и Мохамуд Нор кој сака да освои место во законодавниот дом на државата. Нор стои пред џамијата и оние кои доаѓаат ги повикува да гласаат. Тој вели дека бара јавна функција за да има луѓе кои ќе се борат за заедницата и против имиграциските политики на актуелната администрација.
„Со цел да го освоиме Претставничкиот дом на национално ниво, ние во Минесота имаме одговорност да се осигураме дека гласаме за луѓе кои ќе се борат за нас и против она што се случува, исламофобијата, анти-имиграцијата, толку многу предизвици од доаѓањето на актуелната администрација. Мораме да имаме дом кој ќе ги штити правата на луѓето во оваа држава и нација. За таа цел, мораме да се разбудиме, мораме да се погрижиме секој да гласа.“
Во 2016 година повеќето од Сомалијците кои живеат во оваа западна држава гласаа против сегашниот претседател Доналд Трамп. Во овој изборен циклус заедницата вели дека влоговите се големи и нивната енергија и мотивација може да им помогне на демократите на локалните и националните избори.