„Да се биде припадничка на Министерството за внатрешни работи, како личен избор на секоја од нас, е одлична можност чесно, храбро и смело, да се извршува професијата, која во заедницата се перцепира како опасна, физички и психички комплексна и предодредена како машка и на исто рамниште како нашите колеги“, вели за Гласот на Америка на македонски јазик, претседателката на Секцијата на жените при Македонскиот полициски синдикат (МПС) Хризантема Рендевска.
Но, минатата недела во медиумите беше објавена веста дека шест полициски службенички вработени во МВР, „повеќе од година дена биле изложени на сексуално вознемирување и полово дејствие со закани и континуирано психичко малтретирање, понижување и повредување на нивното достоинство и со притисоци на работно место од раководно полициско лице во полициска станица“.
За медиумски експонираниот случај што чека разрешница по истрагата на надлежните институции, Рендевска ни изјави:
„На случајот гледаме како на поединечен инцидент, кој благодарение на добиената гласност го зграпчи вниманието и на пошироката јавност. Токму гласноста при постоење на вознемирувањето на работното место и мобингот како појава, е одлична можност тие да се држат во рамки на инцидентни случаи, предизвикани од поединци, кои заради таквото свое однесување не би биле достојни да бидат припадници на МВР и заштитници на основните човекови права и слободи на граѓаните. Нѐ радува што и пошироката јавност станува сѐ посензитивна на прашањата за родовата рамноправност и со тоа ни помага да победиме во битката со овие негативни појави и последици, како и во обидот целосно да ги искорениме“, рече таа нагласувајќи:
„За среќа, во областа на заштитата на основните човекови права и слободи сѐ повеќе има место за жените. Поседувајќи завидни квалитети, знаења и вештини, психичка и физичка издржливост, во редовите на МВР имаме жени кои извршуваат должности што се во врска и со примена на средства за присила, или работат во специјалните единици, на оперативно- криминалистички и полициски задачи, а не само 'канцелариски'. Но, за жал, бројот на жени кои заземаат високи раководни позиции во таквите организациони единици е сѐ уште многу мал, речиси и занемарлив, иако сме убедени дека со остварувањето на принципите на родова еднаквост помагаме полицијата да биде препознаена како ефикасна, успешна и одговорна служба во општеството“.
Според неа, постојат и поединци кои го мислат спротивното.
„Кај нив преовладува ставот дека жените не се доволно цврсти да бидат модел и авторитет за мажите во организационите единици на кои им припаѓаат. Понекогаш ја злоупотребуваат и положбата за да вршат дискриминација и мобинг, особено кон жените. Со цел искоренување на таквите можни злоупотреби и зајакнување на капацитетот на жените вработени во МВР - да се справат со предизвиците од евентуалната родова дискриминација, вознемирување и мобинг на работното место, МПС-СЖ од 2015 година во континуитет до денес, одржува предавања и обуки за сите, речиси 2.000 членки, поттикнувајќи ги да не ги премолчуваат и толерираат таквите предизвици, туку напротив, и правно-ефикасно, заеднички да се избориме со таквите поединци. Притоа,, мора да одбележиме дека во тие активности ја уживаме сета почит и поддршка, како од колегите членови на МПС, така и од самото МВР“, ни изјави Рендевска.
Рендевска вели дека во насока на подобрување на состојбите со родовата рамноправност, покрај раководството на МВР, работи и МПС, особено преку Секцијата на жени, која веќе десетина години создава можности за директно делување преку низа проекти, семинари, обуки и едукативни работилници, самостојно или во партнерство со меѓународни организации, домашни невладини организации и организации на жени во полициите од земјите во регионот.
Повикувајќи ги колегите и пред сè колешките, да не дозволат да бидат жртви на мобинг, Секцијата на жени при МПС преку соопштение, ги истакна бројните синдикални активности во насока на надградба на капацитетите, едукација на членките, поттикнување на поголема иновативност и креативност и охрабрување и јакнење на жената-членка во МПС и во МВР.
„Со поддршка на мисијата на ОБСЕ реализирани се седум работилници на тема 'Директна дискриминација, родово – базирана дискриминација, вознемирување и мобинг', со опфат на 210 членки на МПС, отпечатени се двојазични (македонски и албански) флаери и бележници – 'Заштити си го здравјето, Не дозволувајте да бидете жртва на мобинг!', во партнерство со Мисијата на ОБСЕ е спроведена Менторска програма за жените во МВР (членки на МПС), а со поддршка на 'Македонското здружение на млади правници' се реализирани шест едукативни работилници на тема 'Правна заштита од дискриминација и мобинг', на кои се едуцирани околу 200 членови на МПС“, соопшти Секцијата на жени при МПС.