Митова: Разговорот со педагози и психолози во училиште не смее да се претставува како закана или казна

Сведоци сме на тивко нормализирање и десензитизирање на насилството кое се пласира особено во видео игрите, дополнително на воведувањето на нови архетипи за успех преку социјалните мрежи и останатите медиуми – физичка убавина, богатство, популарност, но и бесчувствително однесување, физичка сила, намалена емпатија“, вели за Гласот на Америка психијатарот доктор Васка Дамјановска Митова.


СКОПЈЕ - Девојка загина снимајќи клип за социјалната мрежа „ТикТок“, деца силуваа осумгодишно дете и го снимаа чинот кој потоа го споделиле со пријатели, средношколец си го одзеде животот, шестооделенец се шетал со нож во училиште... Ова се само дел од настаните евидентирани во дневните билтени на МВР.

Трагедијата во Белград само го актуелизираше прашањето што се случува со децата во нашето општество и колку ние како општество сме подготвени да препознаеме и да спречиме чин како оној во основното училиште во белградската општина Врачар.

За опасностите кои ги демнат децата и адолесценти во Северна Македонија разговаравме со доктор Васка Дамјановска Митова, психијатар на Клиниката за Психијатрија во Скопје.

„Менталното здравје на децата и адолесцентите е приоритет, особено во период кога студиите на стручната јавност детектираат промени и влошување на менталното здравје кај младите, со акцентиран пораст на појава на анксиозност, депресивно растројство, зависничко однесување, врсничко насилство, како и насилство во домот но и тренд на постепено отфрлање на традиционалните вредности“.

Насилството е присутно насекаде а децата и тинејџерите се директно на удар.

„ Непостоењето на регулативи на медиумскиот простор, како и немањето на цензура на содржините кои се пласираат, имаат сериозно влијание врз фрагилната психичка структура на младата личност. Периодот на адолесценција е особено чувствителен во поглед на раст и развој на личноста не само на физички план. Од психолошка перспектива е период на експлорација на идентитетот, време во кое младата личност се обидува да развие кохерентно чувство за себе и својот идентитет. Овој период е често придружен со изразени емоционални доживувања, како и чувство на збунетост, амбиваленција, неизвесност, во зависност од психосоцијалниот контекст на функционирање. Дополнително, на когнитивен план се следи значајно созревање на делови од мозокот одговорни за низа мисловни процеси поврзани со донесувањето на одлуки, планирањето и контролата на импулсите. Не е сеедно каква содржина ќе биде пласирана во тој фрагилен период на созревање. Сведоци сме на тивко нормализирање и десензитизирање на насилството кое се пласира особено во видео игрите, дополнително на воведувањето на нови архетипи за успех преку социјалните мрежи и останатите медиуми – физичка убавина, богатство, популарност, но и бесчувствително однесување, физичка сила, намалена емпатија“, вели Митова.

Функционален дом, здраво родителство и блиски релации се исклучитрелно битни во развојот на децата и адолесцентите.

„Тие се протективен фактор од повеќе девијантни однесувања. Внимание мора да се посветува, тоа е врвната одговорност на секој родител. Љубовта и грижата за децата, близината на релацијата која се развива е од особена важност. Тоа е и начинот да се приметат почетните промени во однесувањето, расположението, начинот на справување со емоциите. Но, внимание треба да се посвети не само на детето, туку и на кој или што го воспитува. Влијанието на врсниците има голема улога, но во последниот период уште поголема содржината која се пласира уште од најмала возраст преку електронските уреди. Едноставно, не може да се префрли одговорноста само врз функционалноста на домот, особено кога личноста функционира и во поширока социјална средина“, вели Митова.

Училишните педагози и психолози мора да се дестигматизираат и разговорот со нив не смее да се преставува или да се доживува како казна.

др Васка Дамјановска Митова

„ Стручните служби во училиштата се поставени токму за ваква цел – рано препознавање и интервенција на потенцијални потешкотии на психички план кај децата и младите. Начинот на кој се презентира разговорот со стручно лице, самата презентација на родителите и наставниот кадар може сериозно да влијае врз перцепцијата на децата и младите. Доколку се користи како закана – ќе се доживее како казна. Она што е битно е да се дестигматизира одењето кај психологот, да не се користи како закана и заплашување, ниту да се доживее како казна. Менталното здравје е нераздвоив дел од севкупното здравје“, децидна е Митова.

По масакрот во Белград ризикот во македонското општество е повисок.

„ Трагедијата е апел, крик на случувања во општество многу слично на нашето. Симптом е на системските пропусти, и колку посериозно се пристапи кон анализа, толку појасна слика ќе се оформи за состојбата во нашите училишта. Будно внимание особено во наредните денови, кога се препознава и очекува „контагиозен или копикет ефект“. Делување по препорака на националните стратегии за подобрување на менталното здравје кај младите, засилување на веќе постојната мрежа на стручни лица, и секако, посветување љубов и внимание на децата“, е препораката на доктор Митова.

Министерството за образование најави дека утре ќе одржи средба со со експрти од областа на педагогијата, прихологијата и психијатријата на која ќе се донесат препораки како иницијален чекор за подигнување на институционалната грижа за правилен раст и развој на младите.

„ Согласно своите надлежности веднаш започнуваме со ревидирање на воспитната компонента на образовниот систем, механизмите за детекција на предизвици и формите на поддршка на учениците и семејствата. Првиот чекор е инклузивна средба со претставници на академската фела и веќе во текот на утрешниот ден истата ќе се одржи во просториите на МОН, а ќе учествуваат универзитетски професори од областа на педагогијата и психологијата, социологијата, безбедноста и сајбер насилството и други “, соопштија од МОН.

Експертската јавноста побара итно изготвување протоколи за училиштата и Национална стратегија за превензија на меѓуврсничко насилство .

Според податоците од анкети спроведени во 2018 година, во државата има околу 180 илјади регистрирани парчиња на оружје но она што загрижува е проценката дека бројот на нелегално оружје достигнува до 450 илјади парчиња.