Мирјана Јовановска Стојановска, психотерапевт: Убиството на Вања е емотивна траума за учениците

Да им помогнеме на учениците да зборуваат за тоа како се чувствуваат, вели Мирјана Јовановска Стојановска, претседателка на Комората на психолози на Македонија

Да им помогнеме да ги процесираат сите овие емоции, сето тоа што го носат во себе, мислите што ги имаат за да ги донесеме до едно ниво каде што ќе бидат способни да продолжат понатаму, вели Мирјана Јовановска Стојановска, претседателка на Комората на психолози на Македонија

Одговорноста е кај возрасните, но и кај наставниот кадар и кај стручните лица да им се пристапи на учениците за да го надминат можниот посттрауматски стрес.

Тоа го советува Мирјана Јовановска Стојановска, психотерапевтка и претседателка на Комората на психолози на Македонија, говорејќи за мерките што треба да се преземат за да се намалат можните психолошки последици кај учениците од убиството на нивната соученичка и врсничка, Вања Ѓорчевска.

Your browser doesn’t support HTML5

Апел од психолози: Неопходна е превенција од стрес кај учениците поради убиството на Вања

„Да бидеме тука со нив. Да им помогнеме да зборуваат за тоа како се чувствуваат. Да зборуваат за сè што ќе им дојде на памет, за сеќавањата што ги имаат, за стравовите, лутината, или за што и да излезе од нив. Да им помогнеме да ги процесираат сите овие емоции, сето тоа што го носат во себе, мислите што ги имаат за да ги донесеме до едно ниво каде што ќе бидат способни да продолжат понатаму да функционираат во животот“, вели Јовановска Стојановска.

Мирјана Јовановска Стојановска, психотерапевт, Комора на психолозите

Таа советува формирање тимови од стручни лица во училиштата:

„Би требало да им се формираат групи, со професионалци кои знаат да се справуваат со ваква проблематика, губиток, стресови, катастрофи“.

Претседателката на Комората на психолозите вели и дека е сосема нормално што кај родителите се појавува и зголемено чувство на страв за безбедноста на децата.

Книга на жалост за Вања Ѓорчевска

„Една ваква ситуација може да го зголеми тој страв, чувството на небезбедност, загрозеност, грижата кон своите деца. Мислам дека во некоја мера тоа е нормална реакција за родителите малку да ја покачат својата будност и грижа за своите деца“, посочува Стојановска.

Сепак, таа вели дека стравовите со текот на времето треба да се надминат, или да се побара стручна помош.

Родителите да не им создаваат премногу ограничувања на децата поради стравот

„Оние што нема да успеат да после одреден временски период да се справат со тоа и сè уште им ставаат некој ред на децата со тоа излегување надвор или земање од училиште, можеби ќе треба да отидат и да поразговараат со некого“, вели Стојановска.

Обично, додека не се случи катастрофа, никој не размислува како да се справуваме со катастрофи
Мирјана Јовановска Стојановска, психотерапевт

Психотерапевтката укажува дека се неопходни и системски решенија, кои ќе бидат корисни за итна примена при трауматични искуства како убиството на Вања, но и при катастрофи од поголеми размери.

„Обично, додека не се случи катастрофа, никој не размислува како да се справуваме со катастрофи. Најлошото нешто што може да ни се случи се катастрофите. За жал, тие се присутни во животот и се повторуваат понекогаш. Важно е училиштето, наставниот кадар, психолозите, луѓето кои работат таму да бидат на некој начин подготвени како би требало да реагираат во такви одредени ситуации. Во оваа ситуација би требало да се организираат и да им дадат помош на учениците“, нагласува Стојановска.

Ученици од различни возрасти оставаа цвеќиња и се запишуваа во Книгата на жласот за Вања

Претседателката на Комората на психолозите ја посочува и потребата од практикување т.н. Психолошка прва помош.

„Можеби би требало сите професионалци на некој начин, во некоја мера да бидат запознаени со вакви мерки, кои можат да ги преземат во одредени ситуации. Ако немаме некој што е така спремен, тогаш е во ред и да се поканат и стручни лица кои ќе можат да ја завршат таа работа“, вели Стојановска.

Помалку да ги притискаме, или да ги полниме со информации, да ги оставиме со нивната тага да ја преболат
Мирјана Јовановска Стојановска

Сепак, укажува дека секој член на општеството треба да им даде простор на лицата што биле блиски со Вања, да го поминат периодот на тага, без дополнителни притисоци.

„За луѓето што ја познавале, за децата, за училиштето, за нејзините роднини ова е катастрофа. Ние сите, би требало, како нивни сограѓани како луѓе кои сме погодени со сета оваа приказна што оди околу случката, да им дадеме простор, можност тие да си оджалат. Помалку да пишуваме, помалку да ги притискаме, или да ги полниме со информации. Да ги оставиме со нивната тага да ја преболат“, советува психотерапевтката Јовановска Стојановска во разговор за „Гласот на Америка“.

SEE ALSO: Љупчо Палевски е првоосомничен за убиството на Вања

Ученичката Вања Ѓорчевска исчезна на 27ми ноември. Во неделата, на 3 декември, МВР и Обвинителството соопштија дека таа била убиена, а нејзиното тело било пронајдено во близина на Скопје, кај селото Бразда.

Местото каде е запален автомобилот со кој била грабната Вања Ѓорчевска

За киднапирањето и убиството на Вања се осомничени петмина. Главен осомничен е Љупчо Палевски, по кого е распишана меѓународна потерница. Во притвор се наоѓа и таткото на Вања, за кого постојат сомнежи дека на киднаперите им дал информации за времето и местото каде што се движи неговата ќерка.

Според МВР, киднапирањето и убиството се направени со намера да се бараат пари за откуп од мајката на Вања

Според информациите што ги споделија МВР и Обвинителството, целта за грабнувањето на Вања била да се бараат пари од мајката на Вања за откуп. Но, според полициските сознанија, главниот осомничен во ситуација на паника да не бидат откриени, ја застрелал Вања.

Во училиштето „Ј.Х. Песталоци“, каде што учела Вања, е поставена Книга на жалост. Таму се запишаа голем број ученици, наставници, граѓани. Во книгата се потпишаа и претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски.