СКОПЈЕ – Шефовите на дипломатиите на Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина попладнево, во рамките на Министерскиот совет на ОБСЕ потпишаа заедничка изјава за борба против корупцијата во Југоисточна Европа.
Потпис на изјавата, чиј текст беше усогласен на 31 октомври во Скопје за време на Регионалната конференцијаза борба против коруцијата и перење пари која ја организираше Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ, ставија македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи, министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, министерот за надворешни работи на Црна Гора, Филип Ивановиќ и вицепремиерот и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.
Официјалнито документ содржи десет акциски точки а клучни се зајакнување и користење на дигитални алатки, регионална соработка на ниво на институции и организации во борбата против корупцијата и олеснување на напорите за враќање на имотот стекнат преку криминални активности.
Претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи на Северна Македонија смета дека со оваа изјава односно овој документ борбата против корупцијата се подига на повисоко ниво бидејќи токму корупцијата ја загрозува безбедноста и економската благосостојба.
„Заедничката изјава препознава дека корупцијата го ослабнува владеењето на правото, ја разнишува довербата во институциите и ги загрозува социјалниот и економскиот развој и просперитет како и стабилноста и безбедноста. Таа претставува опасност за споделените вредности на ОБСЕ и предизвикува секаков вид на криминални активности Декларацијата ја нагласува нашата решителна и безусловна определба да работиме заедно за спречување, сузбивање, истражување и кривично гонење на корупцијата во Југоисточна Европа“, рече Османи.
Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, нагласи дека и голем број на развиени и богати држави имаат проблем со корупцијата и не би поминале на тест кај ЕУ.