Во писмото кое лидерот на ДУИ Али Ахмети го испрати до премиерот Димитар Ковечавески, а кое на социјалните мрежи го споделија министрите од ДУИ, стои дека станува збор за критична фаза во евроинтеграцискиот процес и дека со ова се исполнува условот кој го постави опозициската ВМРО – ДПМНЕ за да гласа за измените на Уставот
СКОПЈЕ – Сите министри и владини функционери од редовите на ДУИ денеска соопштија дека поднесуваат оставки од своите функции но условени со гласање на измените на Уставот од пратениците на опозициската ВМРО – ДПМНЕ. Во моментот кога опозициската партија ќе гласа за измените оставки се активираат како што беше и условот поставен од најголемата опозициска партија.
Лидерот на ДУИ денеска го извести премиерот Димитар Коваевски дека сите членовите на Владата од неговата партија депонираат оставки од своите функции, а писмото го објави на социјалната мрежа „Фејсбук“ и потоа беа споделувано од самите министри.
Одлуката за оставки Ахмети ја образложи со условот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поддржи уставни измени доколку има влада без ДУИ и додаде дека тоа е неопходно во моментов бидејќи државата се наоѓа во критична фаза од процесот и затоа превземаат одговорност и одговорни чекори.
„Гледајќи дека нашата земја, Република Северна Македонија, е во критична фаза од нашата европска иднина, носејќи ја тежината на интеграцијата како политичка организација во последните 20 години, признавајќи дека големите одлуки бараат политичка, национална и државна одговорност и жртви од секој од нас, почнувајќи од конституирањето на опозицијата дека би гласале за уставните измени доколку Демократската унија за интеграција излезе од Владата, се легитимно избрани по волја на албанскиот гласач, свесни за надежите и сонот на луѓето да станат дел од големото европско семејство, ние, министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција, поднесуваме оставки од функциите што во моментов ги извршуваме! Оставките, г-дине Премиере, автоматски ќе стапат во сила во моментот кога опозицијата ќе ги изгласа уставните измени “, стои во писмото на Ахмети кое го споделија и членовите на Владиниот кабинет од ДУИ.
Излегување на ДУИ од Владата како услов го постави претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на средбата со премиерот Ковачевски во Клубот на Пратеници на 7 јуни годинава.
Премиерот Ковачевски по средбата соопшти дека на Мицкоски му понудил да ги изгласаат уставните измени и веднаш утредента ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата а Мицкоски пак понудил поддршка на уставните измени и влада без ДУИ, но со ВМРО – ДПМНЕ.
Попладнево се огласија од СДСМ и потенцираа дека сите услови на опозицијата се исполнети и дека сега од нив зависи дали ќе продолжи процесот на евроинтеграции или пак изолација.
„Со одлуките на Централниот одбор на СДСМ, како и со оваа одлука на ДУИ, сите услови кои ги поставуваше Мицкоски за ДПМНЕ да поддржи уставни измени се исполнети, вклучително и Влада без ДУИ. Големите државнички одлуки бараат државнички капацитет и одговорност. На потег е Христијан Мицкоски да покаже и докаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или само својата фотелја во Белата палата. Мицкоски треба донесе одлука, пратениците на ДПМНЕ да дадат поддршка за уставните измени и продолжување на европскиот пат. Мицкоски мора да донесе одлука и да преземе одговорност, глас за ЕУ или изолација“, соопштија од СДСМ.
Уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот веќе поминаа на собраниската Комисија за уставни прашања и следниот чекор е пленарната седница за расправа за потребата за отворање на Уставот која спикерот Талат Џафери ја закажа за 18 август.