Министерката за финансии против мерката за замрзнување на маржи – смета дека не дава резултат

Државните институции немаат капацитет да го контролираат применувањето на мерката, смета министерката Димитриеска – Кочоска. Таа го поддржи законот за забрана на нефер трговски практики и смета дека ќе ги регулира пазарот.

СКОПЈЕ –Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска не ја поддржува владината мерка за замрзнување на маржите во рамките на есенската потрошувачка кошница и смета дека таа нема да даде резултати а истовремено државата нема доволно капацитети да слади дали и како таа се применува. Од другата страна пак Законот за нефер трговски практики ја има полната поддршка од министерката бидејќи според неа ќе го стабилизира пазарот.

„ Јас веќе ова го коментирав и го изјавив. Никогаш да се согласам со таква мерка, замрзнување на цени и маржи бидејќи се комплетно сложени методологии за пресметка и во државните институции нема доволно капацитет да ги пресмета тие маржи и да потврди дека тоа е така. Јас моето мислење го кажав на Владата, Владата го соопшти својот став. Во периодот кој следи очекувам да има промени во овој дел и да нема да продолжиме на овој начин бидејќи сметам дека ефектите нема да бидат големи како што се очекува особено кога имаме ниска инфлација“, изјави Динитриеска – Кочоска во експозето за сработеното во првите 100 дена Влада.

Кога станува збор за забрана на нефер трговските практики министерката смета дека клучно е позицијата на маркетите, дистрибутерите и производните компании.

Гордана Димитриеска - Кочоска, министерка за финансии

„За да зборуваме за мерки треба да ја разбереме суштината на бизнисот, маркетите наплаќаат во готово, независно дали е кредитна картичка, дебитна или ќе отидеш со пари, а плаќаат на одложено. Значи кеш флоуто што е клучно, а никој не го гледа, бидејќи е најтешко за разбирање, тука го имаме најголемиот проблем и затоа го поддржувам законот за нефер трговски практики, тој дел треба да се регулира на некој начин“, рече министерката.

Таа потврди дека контурите на наредниот Буџет веќе се исцртани но побара време од јавноста за да се соопштат повеќе детали за него.

Во однос на инфлацијата таа посочи дека најголем пораст има на цените на зелените пазари и дека и самата е зачудена од високите цени особено кај овошјето и зеленчукот, а од друга страна постојано се префрлаат пари за субвенции.

„Трошиме ненормално многу средства за нешто што очигледно не дава ефект цените и понатаму растат и кај нас проблемот се земјоделските производи. Токму од таа причина треба да се направат анализи како се распределуваат тие субвенции“, кажа Димитриеска – Кочоска.

За средствата од унгарскиот кредит повтори дека за бизнис секторот ќе се распределуваат преку развојната банка а за евентуални провизии кажа дека тоа веќе го објаснил премиерот кој соопшти дека мора да бидат помали од оние на комерцијалните банки.

Набројувајќи го сработеното на министерството за финансии во изминатите 100 дена, соопшти дека се донесени неколку закони и 17 подзаконски акти, дека е стабилизирана државната каса и консолидиран Буџетот но и направен ребаланс на Буџет.

Според министерката за финансии таа наследила лошо работење бидејќи на девизната државна сметка имало само 47 милиони евра и неколкукратно поголем долг како и минус од 60 милиони евра и потрошени 71 проценти од буџетскиот дефицит како и неподмирени обврски кон стопанството од 200 милиони евра долг кој сега веќе изнесува 300 милиони евра.