И полицајци учествувале во криумчарењето мигранти

  • Синиша Станковиќ
МВР откри 14-криминална група која изминатите осум месеци прошверцувала низ територијата на Македонија 400 мигранти од Aвганистан, Пакистан, Ирак, Бангладеш...

Група од 14 криминалци осум месеци криумчарела мигранти низ Северна Македонија, обезбедувајќи транспорт и прифаќање во кумановско-липковскиот регион на лица кои нелегално влегле од Грција на територијата на државата, за оттаму, бегалците и мигрантите да се обидуваат да продолжат кон север и да ја поминат македонско-српската граница.

„Криминалистичката истрага над организираната 14-члена криминална група, со дефинирана структура и строга хиерархиска поставеност, се спроведуваше во изминатите осум месеци, односно, од март до октомври 2019 година. Оваа криминална група во период од март 2019 година досега, организирала криумчарење на 400 мигранти, по потекло од Aвганистан, Пакистан, Ирак, Бангладеш и други земји од Блискиот и Средниот исток, кои претходно престојувале на територијата на Грција, а меѓу кои имало и деца, стекнувајќи се притоа со значителна противправна имотна корист од околу 150.000 до 200.000 евра“, рече на денешната прес конференција портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Во петокот, полицијата привела 28-годишен богданчанец, возач на товарно возило, во кое при контрола на автопатот Велес-Скопје биле пронајдени 45 мигранти од Пакистан.


Според Ангеловски, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Секторот за криминалистички истраги и Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, Регионалниот центар за гранични работи „Југ“ и СВР Струмица, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, спровеле координирана полициска операција, за расчистување на кривични дела кои се однесуваат на организирање на група за вршење на кривични дела криумчарење мигранти.

Мигрантите и бегалците во Република Северна Македонија влегувале илегално, преку „зелената граница“ во околината на Гевгелија и Дојран, со помош на шверцерите кои како водичи ги спроведувале на претходно договорени локации, од каде, со патнички и товарни возила ги превезувале до други локации во близина на селата Марвинци и Фурка, и градовите Богданци, Удово и Демир Капија. Според полицискиот портпарол, оттаму, мигрантите биле превезувани до однапред договорени локации на автопатот Куманово – граничен премин „Табановце“, каде други лица ги транспортирале до кумановските села Ваксинце и Лојане, „каде биле времено сместувани и засолнувани во објекти на соработници и помагачи на криминалната група, а потоа и криумчарени преку северната граница, кон државите на ЕУ“.


Заради постоење на основано сомнение дека ги сториле кривичните дела - „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ и „Криумчарење на мигранти“ и помагање во врска со истото кривично дело, поднесена е кривична пријава против 14 лица од Богданци и Гевгелија, од селата Богородица, Ново Конско, Марвинци, Селемли и Јосифово, но и од скопско Арачиново. „Полицијата извршила и претреси во 12 објекти во Скопје, Гевгелија и Валандово, а лишени од слобода се девет лица“, соопшти портпаролот Ангеловски.

Соработници во организираната криминална група биле и еден полицаец и еден кандидат за полициски службеник, кои ги информирале криумчарите за евентуална поставеност на полициски патроли и контроли.

На крајот на септември, полициска патрола на регионалниот пат Валандово – Струмица, запрела три патнички возила управувани од жители на селото Никуштак и на Скопје, кои превезувале 17 лица бегалци од Бангладеш...


И најновата полициска акција е илустрација за зајакната фреквенција на бегалци и имигранти кои плаќајќи им на криминални групи или криумчари-поединци од целата земја, се обидуваат илегално - од Грција, да ја поминат територијата на Македонија и да продолжат преку Србија до Западна Европа.

Само последните две-три седмици, случаи на уапсени шверцери и откриени илегални мигранти, ги полнат извештаите. Викендов, на автопатот Скопје – Велес полицијата уапсила двајца криумчари на мигранти од Радовиш, од кои едниот бил малолетник. Во нивното возило „крајслер“ биле пронајдени 12 мигранти на возраст од 23 до 48 години, 11-темина од Бангладеш и еден од Пакистан.

Во петокот, полицијата привела 28-годишен богданчанец, возач на товарно возило, во кое при контрола на автопатот Велес-Скопје биле пронајдени 45 мигранти од Пакистан.

Минатиот викенд, СВР Струмица поднела кривична пријава против двајца жители на Богданци поради сомневање дека сториле кривично дело „криумчарење мигранти“, откако биле откриени при обидот да прошверцуваат 27 мигранти (11 од Авганистан и 16 од Пакистан, меѓу кои и две малолетни лица). Според полицискиот извештај, по неуспешниот обид да му избегаат на полициското возило кое ги следело, криумчарите имале сообраќаен инцидент, и лишени се од слобода.

На крајот на септември, полициска патрола на регионалниот пат Валандово – Струмица, запрела три патнички возила управувани од жители на селото Никуштак и на Скопје, кои превезувале 17 лица бегалци од Бангладеш...

Иако затворањето на „Балканската рута“ никогаш не значело и комплетен прекин на „патеката на очајниците“, актуелното зајакнување на бранот бегалци доаѓа по неодамнешната изјава на германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, по неговата посета на Турција и на Грција. Во изјавата која ја пренесоа и македонските медиуми, германскиот политичар предупреди на опасноста од нов бегалски бран што би можел да го надмине оној од 2015 година.

„Ние треба да им помогнеме на нашите европски партнери при контролирање на надворешните граници. Премногу долго ги оставивме на цедило. Ако не го сториме тоа, ќе доживееме бегалски бран како оној во 2015 година. Можеби дури и поголем од тогаш“, посочил германскиот министер во интервју за „Билд ам зонтаг“.