Нов бран мигранти во септември

Во моментов се калкулира со бројка од три до четири милиони мигранти од Блискиот Исток, предупредуваат експерти за Гласот на Америка

Затворањето на западно-балканската мигрантска рута го зголеми бројот на криумчарење мигранти низ Македонија. Министерство за внатрешни работи вели дека повеќе од 500 мигранти, во периодот од март до јуни годинава, се спречени во обидот да ја поминат македонската граница на овој начин.

Последниот случај беше неодамна, кога во камион беа пронајдени 73 мигранти од Авганистан, Сирија, Пакистан и од Бангладеш.

Против 28 лица кои се обиделе да криумчарат мигранти се поднесени кривични пријави.

Експертите кои се занимаваат со оваа проблематика, предупредуваат дека Македонија може да се соочи со нов мигрантски бран во втората половина на септември.

Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција и бегалци, за Гласот на Америка, вели дека во моментот се калкулира со бројка од три до четири милиони мигранти од Блискиот Исток.

„Тоа е голема бројка. Дали се уште ќе важи спогодбата на ЕУ и Турција, тие да се задржат близу до нивните земји за да може рептаријацијата да ја направат полесно, или сите ќе влезат преку балканската рута, никој не може да предвидиди.Тоа е сериозна закана за Македонија, и затоа мора да бидеме подготвени есенскиот наплив на мигранти да го дочекаме подготвени“, вели Димовски.

Трпе Стојановски, поранешен директор Регионалниот центар за азил, миграција и враќање на бегалци (МАРРИ), вели дека голем број луѓе од воените подрачја се движат кон Европа.

Според него, главен проблем во овој момент е различниот поглед на договорот ЕУ –Турција, од страна на потписниците, а кој требаше да значи амортизација на миграцискиот бран.

„Ако продолжи да надвладува политичката над стручната оценка, веројатно овој договор ќе има многу ограничени или никакви резултати понатаму, а тоа дополнително ќе доведе до акумулирање на проблемот и негово нараснување. Не се исклучени нови миграциски бранови, кои би го користеле јужно-миграцискиот правец кон Европа. Ризиците се многу веројатни. Она што е каратеристично за земјите од Европската унија за 2015 година, е што се оперира со бројка од повеќе од еден милион и осумстотини ијлади мигранти, кои од разни страни се евидентирани во земјите на Унијата“, рече Стојановски.

Тој нагласува дека надлежните институции во Македонија треба да го искористат овој период за координација со меѓународните организации и земјите од ЕУ, со цел да се справат со новиот предизвик од безбедносен и хуман аспект.